Капиталните расходи со Ребалансот на Буџетот за 2024 година не се засегнати. Бројките покажуваат дека износот е ист, само е направена пренамена кон проекти коишто се очекува да имаат забрзана динамика. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостување во „Тема на денот“ во Днeвникот на Сител.
„Кога ќе ги погледнете бројките може да видите дека износот е ист. Сега нема средства за корупција и криминал, туку има точно средства наменети за реализација на проекти, пари коишто ќе се наменат за проекти коишто имаат додадена вредност. Капиталните проекти остануваат и понатаму. Направена е пренамена на средства од оние капитални инфраструктурни проекти со послаба реализација кон општините, затоа што знаеме дека има готови проекти кај сите општини и коишто ќе може да се реализираат. Ние не можеме да чуваме средства за капитални инвестиции за нешто што нема да се реализира“, рече министерката за финансии.
Таа додаде дека аванси без никаква реализација нема да бидат исплаќани, туку дека ќе се плаќа врз основа на реализација.
„Илузорно е да планирате 250 милиони евра за проектот за коридорите 8 и 10д во ситуација кога не можете да завршите експропријација, имате еден куп проблеми, кога не ја знаете трасата, односно кога знете дека нема да ги реализирате и тие на крајот на годината ќе завршеа во некои коруптивни зделки“, истакна Димитриеска-Кочоска и додаде дека за следната годината за овој проект ќе бидат планирани 250 милиони евра и дека веќе се работи на тоа проектот да почне да се реализира, да се гради и да е плаќа врз основа на завршени работи и ситуации.
Во интервјуто министерката се осврна и на барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата, за растот на платите, за нивото на јавниот долг, како и за реализација на проектите од железничката инфраструктура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.