Еве, замислете дека сте земале наменски кредит од банка. Вие за друго не може да го користите. Исто е во овој случај, кредитите се наменски. Може само да ги замолите да ги резервираат тие пари и повторно да аплицираме за заем – објасни министерката

Од Европската инвестициска банка и од Европската банка за обнова и разбој се одобрени вкупно 350 милиони евра како кредит за пругата кон Бугарија и тие пари не може да се пренаменат, децидна е министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска. Дополнително, има уште 150 милиони грантови, кои исто така, се за оваа намена. Деновиве пак, можевме да слушнеме и од премиерот Христијан Мицкоски и од министерот за транспорт и врски Алексанадар Николоски дека ќе седнат да разговараат со кредиторите и со финансиерите за пренамена на овие пари, пред сè за пругата север-југ.

– Ги слушам изјавите, но не е баш така. Еве, замислете дека сте земале наменски кредит од банка. Вие за друго не може да го користите. Исто е во овој случај, кредитите се наменски. Може само да ги замолите да ги резервираат тие пари и повторно да аплицираме за заем – објасни на брифингот со новинарите министерката за финансии.

Добрата вест е, како што објаснија стручните служби од Министерството за финансии, дека овој кредит не е ефектуиран, па нема трошоци и затоа нема да плаќаме пари за неповлечени средства.

Димитриеска-Кочоска веќе имала средба со Европската инвестициска банка каде што зборувала за аргументите на Владата зошто не треба да се гради пругата кон Бугарија.

– Тоа е траса што води од Драч до Бургас. Хипотетички ќе ја направиме. Што ќе ни донесе таа, каква додадена вредност? Што ќе ни донесе економски? Европската инвестициона банка ми кажува „ама знаете, има НАТО аспект“. Супер! Јас многу отворени ги прашав: „Дали ќе нè сакаат НАТО и Европската унија ако ние банкротираме?“ Имаме проблеми со пругата кон Солун која е многу поважна за нашето стопанство – вели Димитриеска-Кочоска.

Таа објасни дека од средствата за Западен Балкан, на први јули се одобрени само 1 милион евра за изработка на документација за точките за реконструкција на пругата од Коридорот 10 кон Грција, а после државата треба да ја прави финансиската конструкција и евентуално да бара грантови.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.