Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски вечерва најави дека во вторник на заедничката седница на владите на Македонија и Бугарија ќе продолжат разговорите за авиолинијата Скопје-Софија и оти ќе се бара компанија која ќе спроведува исплатливи рути, како на пример Скопје-Софија-Атина, со цел да се избегне нејзино субвенционирање.

Тој вечерва во гостувањето во емисијата Вин-Вин на ТВ Телма, одговарајќи на прашање дали летовите Скопје-Софија ќе ги спроведува бугарската компанија „Гуливер“ и дали тоа ќе бидат нискобуџетни летови кои понатаму ќе прават примамлива интерконекција за летови за Канада и САД, Бочварски одговори дека прво ќе се обидат да поразговараат со оператори коишто треба да имаат финансиска исплатливост.

– Најпривин тргнавме од тој аспект да се обидеме да поразговараме со оператори коишто се заинтересирани, бидејќи тоа се приватни компании, можеби некаде и државни, коишто треба да имаат финансиска исплатливост да можат да возат на една ваква рута. Таа рута е доста кратка рута од Софија до Скопје и во минатото е запрена заради тоа што немало доволен број на патници. Аспектот на тоа дека треба да одиме со потпомагање или субвенционирање на оваа линија го ставаме во втор план. Во разговорите дискутиравме дали е возможно да отвориме можности и да поразговараме со тие компании да направат одреден триаголник, на пример Скопје-Софија-Атина или Софија-Скопје-Истанбул со што ќе ја направат примамлива и оваа делница за движење на авиотранспортот во наредниот период, но крајната цел е да имаме авиолинија Скопје-Софија заради тоа што ќе отвори нови можности за граѓаните без разлика дали таа компанија потоа ќе го најде интересот и ќе вози од Софија до Њујорк или до Канада или до Германија, тоа е апсолутно оправдано заради тоа што компанијата треба да го најде и финансискиот интерес без притоа најпрвин да се насочиме финансиски со субвенции од страна на државите, нагласи Бочварски.

Тој посочи дека се отворени сите опции и оти од вторник ќе ги продолжат разговорите за авиолинијата.

–  Јас го информирав и министерот од Бугарија дека ние сме подготвени за секоја заинтересирана компанија. Дека може слободно да дојде овде и да поразговараме заедно со сите власти воздухопловни во државата да ги најдеме можностите. Ние имаме концесионер на нашите два аеродроми, секако ќе ги вклучиме и нив за можни поволности, можеби попусти, за да може оваа линија конечно да почне да оперира. За нас е многу важно не само заради политичкиот момент, сметам дека треба како први соседи да имаме повеќе конекции и ова е еден од начините да го направиме тоа, истакна министерот за транспорт и врски



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.