Министерството за транспорт и врски и Капетанијата на пристаништа ќе направат законски измени и ќе излезат во пресрет на барањата на бродарите во Охрид за да се овозможи полагање за професионалниот сертификат за пловење да се врши во земјава според нашите законски прописи. Доколку постојат законски можности, преку разговори со локалната самоуправа, пристаништето ќе се врати под управување на централната власт за да може полесно да се вршат инвестициски зафати и да се овозможи безбеден сообраќај на бродовите.

Ова беше договорено на денешната средба која во Охрид се оддржа меѓу министерот Бочварски и Здружението на бродари од Охрид. На средбата се разговарше и за продлабочување на пристаништата во Охрид и Свети Наум за што веќе од буџетот на Министерството за транспорт и врски се обезбедени средства.

Во рамки на посетета во Охрид, министерот Бочварски оствари средба и со претставници од Хрватскиот регистар на бродови, тело во рамки на Министерството за поморски сообраќај и инфраструктура на Хрватска, на која се разговараше за идна соработка со Капетанијата на пристаништа.

Со бродарите имавме веќе една средба со Скопје, сега ова е втора средба во Охрид. Ги отворивме прашањата околу полагањата за професионален сертификат за пловење и сметам дека ќе одговориме позитивно на ова барање и полагањата да се вратат во Охрид.  Го отворивме прашањето и за управување на пристаништето и негови зафати. Во идниот период ќе разговраме со локалната самоуправа околу  ингеренцијата и управување со пристаништето заради негово одржување и чистење. Веќе во буџетот обезбедивме средства за чистење на пристаништето во Свети Наум. Се сретнав и со претставници од Хрватскиот регистар на бродови, надзорно тело што е сертифицирано за техничка контрола на бродовите. Во следниот период акцентот ќе го ставиме на безбедноста и контролата на пловните објекти, истакна министерот Бочварски.

Денешната посета во Охрид министерот Бочварски ја искористи да изврши увид во реконструкција на улицата Македонски просветители. Инвестицијата е вредна 38 милиони денари, средства обезбедени преку буџетот на Министерствто за транспорт и врски, преку Проектот за изградба и санација на локалани улици и патишта во општините.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.