Блок 1 на РЕК Битола е исклучен од мрежа заради интервенции во цевководниот систем на постројката, сервисни и ремонтни активности на млинските кола и нега на постројките во машинската сала на блокот.

Како што информираат од АД ЕСМ, се очекува блокот да биде ставен во функција во следните 24 до 48 часа.

Заради енергетската криза во која се наоѓа земјата и потребата од постојано и зголемено производство на електрична енергија, ремонти и санација на блоковите не се изведуваат како што вообичаено тоа се прави, со застои на производствениот процес на блок во период од 60 до 90 дена. Сите неопходни зафати во овој период се прават кога се апсолутно неопходни или кога ќе се укаже можност за тоа, соопштуваат од АД ЕСМ.

Оттаму додаваат дека Блок 2 и Блок 3 на РЕК Битола во моментов работат без проблеми. Ремонтни активности на Блок 2 се предвидени за следната недела.

За сиот овој период, АД ЕСМ ги задоволува потребите за електрична енергија на конзумот со производство од останатите свои капацитетите. Увоз на електрична енергија нема, велат од компанијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.