Проектните партнери од проектот “Бенефит“, финансиран од ИПА програмата за прекугранична соработка со Грција, во рамките на посетата на Брисел, го посетија одделот за Енергетска ефикасност при Генералниот директорат за енергија на Европската комисија. На состанокот со претставниците на DG ENER, беа презентирани досегашните активности и достигнувања на проектот за „Подобрување на енергетската ефикасност во згради – БЕНЕФИТ“, при што беше изразен интерес за идна соработка со Генералниот директорат за енергија, како оддел на Европската комисијата кој е одговорен за енергетската политика на ЕУ во делот на обновлива енергија, енергетска ефикасност, енергетски податоци и анализа, закони, политики, финансирање и грантови и друго.
Претставниците на општина Битола, за дел од приоритетите и потребната поддршка од Европската комисија ја информираа директорката на одделот за праведна транзиција Паула Пино, а состојбата беше детално образложена пред Пјерлука Мерола и Едита Новак, задолжени за меѓународна соработка и финансирање.
На состанокот, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски и претседателката на Советот, Габриела Илиевска, потенцираа дека очекуваат поддршка од Европската унија и нејзините институции во процесот на праведна транзиција и постигнување енергетска правда, посебно за следните приоритети:
– Во врска со формирањето на „Just transition“ фонд за Западен Балкан, да биде формирана контакт точка за Македонија со седиште во Битола, а проектите што би можеле да се реализираат од овој фонд да имаат партнери од Битола, при што главниот бенефит треба да остане во битолскиот регион, заради унапредување на регионот, со цел приближување до европските стандарди, земајќи ја предвид работата и близината на РЕК Битола во изминатите 40 години,
– Формирање на национален „Фонд за праведна транзиција“ и „Фонд за енергетска ефикасност и животна средина“ со седиште во Битола
– Воспоставување програма за финансирање од ЕУ за регионите Битола, Кожани поврзана со механизмот за праведна транзиција и зајакнување на регионалната соработка,
– Поддршка од ЕУ во барањето на локалната самоуправа насочено кон државата, за обесштетување на битолскиот регион, поради загадување со јаглен со 10 евра за MWh електрична енергија произведена од РЕК Битола, во периодот додека се користи јагленот како енергенс.
Претставниците на DG ENER, ги образложија своите размислувања во врска со изнесените ставови, при што беше договорена дополнителна размена на информации во насока на поддршка во реализацијата на приоритетите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.