Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) и компанијата која ја испорачува електричната енергија – ЕВН хоум треба да се занимаваат со фирмите кои недозволено се префрлиле од отворен на регулиран пазар, истакна денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Има кој да ја обелодени листата на оние кои неправилно се префрлиле од отворен на регулиран пазар на електрична енергија и се ќе се случи во свое време. Ги повикавме сите надлежни органи да постапат како што треба по закон. Ако некој направил нешто што не е законски, се знае каде е одговорот. За жал, често се бараат одговори од мене лично и од извршната власт, но треба еднаш за секогаш да сфатиме дека извршната власт е поделена со другите власти и секој треба да го прави тоа што му е обврска и надлежност по закон – рече Битиќи, одговарајќи на новинарско прашање пред почетокот на Балканскиот економски форум во Скопје.
Училиштата и градинките, како што додаде, ќе останат на регулираниот пазар на електрична енергија се додека за тоа има одлука на Влада.
Не сакаме да загрозиме ни една услуга кон граѓаните. Здравствените услуги и образовниот процес не може и не треба да запрат заради тоа што имаме неспособни институции, во случајов единиците на локалната самоуправа, кои не можат да им овозможат соодветно да ги испорачаат нивните услуги, особено кај образованието. Рековме одлуката е до крај на април идната година да бидат на регулираниот пазар со одредени фиксни цени на електричната енергија, а после тоа треба да се вратат на слободен пазар доколку состојбите се подобрат – нагласи Битиќи.
Најави дека во март идната година, Владата ќе одлучи што ќе се прави после април, бидејќи, како што кажа, одредена извесност за тоа што ќе се случува има само до април.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.