Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи е согласен новата методологија за пресметка на платите што ја предлага Синдикатот да почне да се применува веднаш. Тој денес објасни дека во политиката дошол од приватниот сектор и секогаш имал достоинствена плата и кажа колку му изнесува платат со покачувањето од 78%.

Мојата плата е јавна. Изнесува 125.000 денари основица, плус додатоци од стажот стигнуваат некаде 127/8 илјади. Јас во политиката имам влезено пред само четири години. Дојден сум од приватен сектор во кој што сигурно добивав достоинствена плата“, рече вицепремиерот Битиќи на бизнис форумот за одбележување на 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи со Финска.

Предлогот на Синдикатот просечната плата да биде основа за пресметките на платите, според Битиќи, на изненадување на Синдикатот, е веќе прифатен.

Се согласувам. Мислам дека синдикалните организации веруваа дека ние нема да го прифатиме, но на последната средба го прифативме нивниот предлог. Секако, бидејќи беше само предлог без никакви финансиски калкулации, рековме дека треба сите заедно да ги дефинираме коефициентите на сложеност на сите работни места, во целиот јавен сектор. Што побрзо тоа го направиме и го затвориме веднаш треба да почнеме да гледаме, според можностите, тоа да го спроведеме. Методологијата да се аплицира од оваа година“, рече вицепремиерот Битиќи.

Усвојувањето на системско решение за платите на сите вработени во јавниот сектор, тргнувајќи од најниското работно место па се до платите на претседателот на државата и претседателот на Владата за Битиќи е решение кое е праведно, правично и солидарно.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.