Ребалансот на Буџетот за 2022 година доаѓа по инвазијата на Русија врз Украина, што ги наруши пазарите во Европа, која е наш главен трговски партнер, а кај нас се одрази со зголемување на цените на основните прехранбени производи и на енергенсите. Од тие причини, ние уште во март пристапивме кон подготвување на пакет мерки, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими во вечерашното гостување на телевизија „Сител“.
– Ова што сега го правиме со ребалансот е одговор на тие мерки, значи приспособување во Буџетот. Иако, имавме обезбедено само 50 милиони евра, како бафер, ние отидовме со пакет кој вредеше многу повеќе. Сега пренамените се усогласуваат во Буџетот, да се врати во делот на одржување на растот и поддршката. На пример, околу 11 милиони евра беа одземени од Програмата за поддршка на развојот, на инвестиции. Сега тие се враќаат. Потоа имаме 2,4 милијарди денари, кои одат за гарантирана минимална помош, предвидени се 32 милиони евра за земјоделството и други мерки, рече Бесими.
Тој нагласи дека не се работи само за 76 милиони евра, кои стојат како бафер за програмата за антикризни мерки, туку многу повеќе.
Министерот Бесими додаде дека допрва ќе се дизајнираат мерките за најранливите категории, како и за стопанството.
-Во ребалансот се опфатени промените во однос на минималната плата, предвидени се пет отсто покачување на платите во здравство и во полиција, седум отсто за наставниот кадар во високо образование, 15 проценти во судство и правобранителство и 15 отсто средно образование и градинките, вели Бесими.
Министерот најави до крајот на годината да има уште едно прекројување на Буџетот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.