Во наредниот период ќе се формира работна група составена од претставници од Министерството за економија, Македонската енергетска асоцијација(МЕА), Регулаторната комисија за енергетика(РКЕ) како и релевантните институции во областа на енергетиката која ќе работи на воведување на нова легислатива со која ќе се отвори можност за складирање на електричната енергија од обновливи извори, кажа министерот за економија Крешник Бектеши по денешниот состанок со претседателот на МЕА, Кочо Анѓушев и претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски. На состанокот присуствуваа и претставници од МЕПСО и ЕВН.
Ќе биде формирана Работна група во која ќе бидат вклучени претставници на сите релевантни институции и на МЕА кои ќе работат на изготвување на нова легислатива за можноста за складирање на електричната енергија од обновливи извори на енергија и од страна на државата и од страна на приватни инвеститори, имајќи ги во предвид инвестициите кои што се рализираат и ќе се реализираат во наредниот период од обновливи извори на енергија посебно од фотонапонски централии, кажа министерот Бектеши.
Министерот потенцираше дека Министерството за економија континуирано работи градење на енергетскиот систем во државата и забрзување на енергетската транзиција.
Има „бум“ во производство на електрична енергија од обновливи извори во државата сакам да ги повикам инвеститорите да ги следат сите процедури во случај да не дојде да имаме многу поголемо производство од потребите кои ги има државата. Согласно Стратегијата за развој на енергетика лимитирано е колкаво може да биде производството на електрична енергија од обновливи извори , посебно од фотонапонски, ветерници, биомаса итн“ кажа Бектеши.
Министерот информираше дека во моемнтот се работи и на Индикативен план со кој ќе биде утврдена постапката и процедурите кои треба да ги поминат сите инвеститори за поедноставно реализирање на инвестицијата и да имаат предвидливост, се со цел нивните инвестиции да бидат профитабилни и да се знае постапката во делот на можностите на преносниот систем и на дистрибутивниот систем за да може да ја прими таа електрична енергија која што ќе се произведува од фотонапонски централи.
Како што кажаа од МЕА, големата инсталирана моќност на електрани од обновливи извори на енергија во текот на минатата година, а особено на фотоволтаични електрани, сега може да предизвика штета на преносниот систем и мрежа во Македонија. Од Асоцијацијата побара да биде законски регулирана струјата што се произведува од многуте фотонапонски централи кои се градат и допрва ќе се градат, со складирање на електричната енергија во таканаречени „сториџи“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.