Министерот за економија Крешник Бектеши денеска, одговорајќи на новинарско прашање дали Владата размислува да ја активира мерката за замрзнување на цените, рече дека се разгледуваат сите опции.

Бектеши напомена дека цените на основните прехранбени производи моментно се стабилизирани за разлика од оние во септември и октомври кога имаше нагло зголемување, а кај некои призводи има и намалување.

Уште еднаш да повторам, ние не сме кажале дека ќе се вратиме на цените од пред една или две години, туку дека ќе има намалување на цените од септември и октомври за седум до 12 – 13 отсто на одредени производи и кај некои производи такво намалување веќе има. Дали треба да има и кај другите производи – да, треба да има и затоа правиме различни мерки за да им излеземе во пресрет на компаниите за да можат тие да донесат такви одлуки и да ги намалат цените. Секогаш зборуваме за производи кои се произведуваат во земјава, а не за тие што се увезуваат зашто таму немаме никакво влијание, освен да замрзнеме маржа на дистрибутерите на трговците на трговците на големо и мало – истакна министерот.

Тој се наврати на досега преземените мерки, потсетувајќи дека лани, по замрзнувањето на цените, се отиде на друга мерка – замрзнување на маржите на трговците на мало и на големо.

Би сакал да се навратам на претходната година. Треба да ги потсетиме граѓаните дека во ова време, претходната година бевме една од единствените држави каде имаше замрзнување на цените. Кога се прават компаративни анализи мора да се има предвид дека повеќето од цените на основните прехранбени производи во ноември, декември и јануари можеби и биле замрзнати под цените на производството во тој одреден момент. И кога се вадат податоци, и од статистика и од другите релевантни институции, тие ги споредуваат со цените кои биле замрзнати, не биле пазарни цени, рече Бектеши кој заедно со премиерот Димитар Ковачевски и министерот за земјоделство Љупчо Николовски, беше во посета на фабриката „Пекабеско“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.