Министерот за економија Крешник Бектеши не верува дека руско-украинската криза ќе влијае на енергетската состојба во земјава, особено не во делот на рестрикции иако смета дека е можно да влијае на цената на електричната енергија.
Во делот на сигурно и континуирано снабдување со електрична енергија посебно за домаќинствата, но и за стопанството не верувам дека ќе имаме некој си проблем и не очекуваме да има никакви рестрикции. За жал, кризата би можело да влијае во делот на цените на електрична енергија, имајќи во предвид дека само денеска имаше сериозно зголемување на цената на берзите во споредба со претходните денови, а посебно на ХУПЕКС берзата – рече Бектеши во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Министерот за економија потенцираше дека земјава веќе го намали увозот на електрична енергија за потребите на домаќинствата и универзалниот снабдувач.
Планот и проекциите и од страна на ЕСМ, но и од другите енергетски компании е дека нема да имаме голема потреба од увоз на електрична енергија во следните месеци, па и затоа не верувам дека би имало големо влијание во конечната цена. Во моментот е обезбеден делот на гасот за потребите на ТЕ-ТО и за потребите на топланите кои произведуваат топлинска енергија. До крајот на овој месец е одредена и цената – потенцира Бектеши.
Посочи дека цената што ја плаќаат граѓаните за сметките е одредена за целата година во делот на топлинската енергија, а во делот на електричната енергија Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) согласно Законот за енергетика треба да донесе дополнителна одлука кон крајот на јуни.
Јас сум убеден дека нема да има дополнителна одлука од страна на РКЕ во делот на цената на електрична енергија и во делот на топлинската енергија. Ние како економски тим, како Министерство за економија, како сектор за енергетика будно ја следиме ситуацијата и во Украина, но секако и движењата на пазарот тука во регионот и во ЕУ, имајќи во предвид дека сме поврзани со берзата на ХУПЕКС. Но, преку нашите домашни капацитети секако дека ќе интервенираме се со цел тоа да не биде на грб на граѓаните – појасни Бектеши.
Најави дека веќе наредната недела се очекува да се донесе правилник со кој сите домаќинства и целата индустрија во нашата држава ќе имаат можност да инсталираат соларни панели (фотоволтаици) на нивните покриви, а универзалниот снабдувач ќе биде обврзан да го откупи вишокот на произведена електрична енергија од страна на домаќинствата и индустријата по цената со која се продава струјата на домаќинствата.
Ја повикувам локалната самоуправа да ги плаќаат сметките за електрична и топлинска енергија, како што треба да направат и другите институции, а воедно и да направат инвестиции во делот на обновливи извори на енергија и да вградат и тие фотоволтаици, бидејќи тие мерки се во корист и на граѓаните и на локалната самоуправа, а секако и на стопанството во целина – потенцира Бектеши.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.