Не чека една од најтешките зими во последните децении. Направени се сите подготовки. При крај сме со набавката на соодветните количини на мазут и јаглен со цел да се зголеми домашното производство на електрична енергија, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

Тој на гостувањето во централниот дневник на ТВ Сител рече дека во функција ќе биде ставен и третиот блок на РЕК Битола.

– Целата претходна зима ја поминавме со двата блока во РЕК Битола и во одредени периоди работеше и блокот во Осломеј, а како замена го вклучивме ТЕЦ Неготино, кој не е вклучен од 2009 година, за да произведува електрична енергија. Оваа година дополнително на тоа ќе се стави во функција третиот блок во РЕК Битола. Веќе ЕСМ, согласно сите информации, склучил договор за да се направи ремонт на трансформаторот, а дополнително ќе набави и друг трансформатор во случај да не се повтори таква хаварија – нагласи Бектеши.

Ги повика граѓаните и институциите да штедат електрична енергија со цел да се намали товарот врз ЕСМ и да има можност вишокот на електрична енергија да го насочи кон стопанството.

Во моментот кога ќе се прогласи кризна состојба, како што посочи Бектеши, може да им се наложи на институциите кои се под надлежност на Владата да штедат енергија, а за граѓаните ваквите апели ќе биде во форма на препораки.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.