Стопанската комора на Македонија продолжува со редовните, но најавува и повеќе меѓународни активности. Во Белград, Берлин и Скопје, како што информира, ќе се одржат состаноци, дебати и средби за инвестиции, како и за проширување на соработката во енергетиката, дигитализацијата, напредните технологии и иновациите.

И во услови кога енергетската криза е во полн ек со сериозни проблеми во деловното функционирање на компаниите, Комората ги продолжува останатите редовни активности кои се од интерес за нашите компании. Фокусот во претстојниот период е на меѓународните активности. Утре во Белград ќе се одржи средба со 100 влијателни американски компании на тема „Нов пат и можности: Регионот на Западен Балкан во однос на Соединетите Американски Држави“, на која бизнис познавачи од регионот и учесниците од САД ќе имаат можност да разговараат за нивните планови и за тоа како да се соочат, да се прилагодат и да одговорат на новите глобални трендови во ИТ и енергетскиот сектор, обезбедувајќи јасна слика за тековните изгледи на пазарот и идните можности за соработка, вели претседател на Комората, Бранко Азески.

Во Белград ќе се одржи и седница на Управниот одбор на КИФ, каде Азески е копретседател. На седницата, меѓу другото, ќе се разгледува вториот годишен извештај за мерење на постигнувањата во спроведувањето на акцискиот план за заеднички регионален пазар – колку фирмите на терен ги чувствуваат придобивките од одлуките што се носат за регионалното поврзување, во насока на воспоставување единствен регионален економски пазар. На седницата ќе се разговара и за претстојната инвестициска конференција на 22 ноември 2022 година во Љубљана што КИФ ја организира заедно со Регионалниот совет за соработка (РСС) со седиште во Сараево, на кој заеднички ќе се претстават инвестициските потенцијали на регионот на Западен Балкан пред потенцијални инвеститори од Словенија, Хрватска Италија и Австрија.

Во четврток, на 4 ноември, во Берлин, Азески заедно со претседателот на Асоцијацијата за напредни технологии при Комората, Виктор Мизо ќе има средба со германските компании кои потенцијално разгледуваат можности за инвестиции или проширување на нивните инвестициски активности во Македонија.

На 17 ноември, пак, Норвешката амбасада во Белград организира инвестициска конференција за енергетика на тема „Инвестициските можности во обновлива енергија“, на која ќе учествуваат 50-тина норвешки фирми и сите претседатели на влади и министри за економија на балканските земји, но и бизнисмените кои веќе имаат искуства во оваа област.

Во Скопје на 18 ноември ќе се одржи Балкански економски форум, поддржан од Стопанската комора со фокус на развој и имплементација на иновативни стратегии и креативни решенија за тековните економски предизвици со кои се соочуваат балканските земји за да се стимулира економскиот раст кој, пак, ја зајакнува регионалната соработка, мир и безбедност.

Комората информира и дека почнуваат активностите за основање јапонско-македонска стопанска комора, преку која ќе се спроведат програми специјализирани за Комората како најголема и најбројна бизнис заедница, а се работи и на продолжување на договорот со Јапонската агенција за меѓународната соработка (JICA), која нуди грантови за поддршка на приватниот сектор во развој на инфраструктурни проекти кои ќе придонесат за ублажување на климатските промени и заштита на животната средина, програми за зголемување на менаџментниот капацитет преку обуки, тренинзи и посети на нашите компании, организирани од страна на Јапонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.