Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) денеска прати отворено писмо до Владата во кое пишува дека најмалку очекувале во „ек“ на економска криза таа да им го сврти грбот на 10.000 вработени во индустријата на игрите на среќа и од нив да направи социјални случаи.
Запрепастувачки за нас како Асоцијација е дека после толку долго време од нашите обиди и повици да се организира „јавна расправа“ за измените на Законот за игри на среќа, вие како Влада се оглушивте. Сега, на мала врата и по скратена постапка, сакате штетното законско решение да помине во Собрание, преку злоупотреба на европското знаменце, пишува АСОМ во писмото до Владата.
Во писмото АСОМ исто така прашува зошто измените и дополнувањата во Законот за игри на среќа и забавни игри треба да се донесат по скратена постапка со ЕУ знаменце и без да поминат јавна расправа и без да се слушнат засегнатите страни, пошироката и стручна јавност, која може и треба да даде свој коментар или нов пакет предлози.
Со одлуката на Влада АСОМ се игнорира како официјална организација во која членуваат над 90% од приредувачите на игри на среќа. Што за Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија отвора ново прашање: Дали и кој стои зад овие измени и чив интерес се штити? По однос на грижите на граѓаните од негативните последици АСОМ во отвореното писмо потсетува дека Владата ниту еднаш не ги зела во предвид низата решенија и законски измени кои биле доставувани до ЕНЕР системот, но и до Владата. Треба да биде јасно, дека нашата индустрија „НЕМА ИНТЕРЕС“ од играње ниту на малолетници, ниту има интерес од креирање зависности. Напротив, индустријата на игри на среќа има интерес игрите да се играат за забава и тоа силно го промовира. Годишно трошиме десетици илјади евра како компании за спроведување кампањи за заштита од негативни последици и едукација на играчите. Ние сме општествено одговорни компании, кои 100% ги почитуваат актуелните законски норми и правила поврзани со нашата дејност, плаќаме даноци и со тоа постојано ги зголемуваме
буџетските приливи. Ние сме индустрија која е одлично регулирана во моментов, а нашите членки се компании кои работат согласно законите без никакви отстапки. Ако вие како Влада сакате на било кој начин да помогнете или придонесете, треба да бидете партнер во овие напори, порача АСОМ во писмото до Влада.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.