Народната банка води приспособлива монетарна политика. Внимателно ги следи движењата и прави анализи за преземање мерки коишто ќе овозможат балансирање на ефектите од сѐ повисоките цени, со потребата од одржување соодветна поддршка на економијата. Банкарскиот систем има капацитетот да се справи со евентуалните шокови, а истовремено и да му пружи солидна кредитна поддршка на реалниот сектор.
Ова било посочено на средбата меѓу гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска и регионалната директорка на Светска банка за Западен Балкан, Европа и Централна Азија, Линда Ван Гелдер, на која присуствувал и директорот на Канцеларијата на Светска банка во земјава Максимилијано Паолучи.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочила дека внимателно се следат факторите коишто придонесуваат за зголемување на цените во домашната економија, а тековната состојба во Украина значително ја зголемиле неизвесноста и променливоста на движењата на меѓународните финансиски пазари. Во однос на поставеноста на монетарната политика, гувернерката посочила дека вниманието на Народната банка е насочено кон одржување соодветен баланс на поставеноста на монетарната политика којшто ќе ја поддржи економијата, со истовремено одржување на ценовната стабилност и стабилноста на домашната валута.
Ван Гелдер нагласила дека на глобално ниво има значителен макроекономски шок којшто ќе има последици за глобалната економија, но ќе влијае и врз македонската економија, поради што треба да се осмислат соодветни политики што ќе ја поддржат економијата. Според неа, неопходно е да се продолжи и со примената на политиките што овозможуваат соодветни структурни промени на домашната економија.
Светската банка е присутна долги години со проекти коишто му даваат значителна поддршка на економскиот раст и развој на државата, а очекувањата се дека и понатаму активно ќе поддржува проекти со коишто се постигнува економска благосостојба, се наведува во соопштението од Народна банка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.