Одржувањето на ценовната стабилност е од суштинско значење за одржување на макроекономската стабилност и одржлив економски раст, порача денеска гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска на панел-дискусијата „Цената којашто треба да се плати: Како да се заузда инфлацијата? Видувања на централни банки и министерства за финансии“ што се одржува во рамки на состанокот на Конституенцата на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка во Сараево.
Како што рече Ангеловска Бежоска, најнапред пандемијата, а оваа година и воениот конфликт во Украина, преку различни канали предизвикуваат зголемување на глобалните инфлациски притисоци.
Инфлацијата, посочи, расте во сите економии, а особено кај помалку развиените економии, при што повеќе од половината од нив имаат инфлацијата повисока од 10 проценти. Во регионот на Централна и Југоисточна Европа просечната инфлација е околу 15,5 проценти. Инфлацијата кај нас исто така забрза, со оглед на високата зависност од увоз на нашата економијата, особено зависноста во енергетскиот сектор, како и високото учество на храната и енергијата во потрошувачката кошничка.
Иако клучниот фактор за раст на инфлацијата се цените на храната и енергентите, сепак нивниот долготраен и постојан раст се пренесува и врз цените на останатите стоки и услуги и влијае врз инфлациските очекувања, особено краткорочните. Во такви околности, централните банки мора да делуваат со своите мерки за намалување на инфлацијата, притоа имајќи ги предвид и тековните неповолни ризици за економските изгледи. Затоа речиси сите централни банки преземаат мерки, вклучително и ФЕД и Европската централна банка. Ваквиот начин на водење на монетарната политика ќе делува врз инфлациските очекувања и ќе придонесе за стабилизирање на среднорочните ценовни движења – рече гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.
На панел-дискусијата со која претседаваше Пјер Вунш, гувернер на Централната банка на Белгија, учествуваа и Амир Јарон, гувернер на Централната банка на Израел, Димитар Радев, гувернер на Централната банка на Бугарија, Михаи Пречуп, државен секретар при Министерството за финансии на Романија, а воведно обраќање имаше гувернерот на Холандската централна банка, Клас Нот, како и директорот на Европскиот оддел на ММФ, Алфред Камер.
Учесниците зборуваа за предизвиците кај носителите на политиките во услови кога инфлациските притисоци ги засегаат сите сегменти од економијата, нагласувајќи ја значајноста на добрата координација помеѓу монетарната и фискалната политика за успешно справување со предизвиците, имајќи превид дека на тој начин директно може се ублажат неповолните ефекти врз најпогодените сектори и делови од населението.
Зголемувањето на цените на енергијата и на храната е големо и трае подолг временски период. Овие предизвици кај ценовните движења не се новитет за носителите на политиките, но со оглед на високата неизвесност околу идната динамика во услови на геополитички превирања потребна е голема внимателност. Во вакви околности, од големо значење е балансирано и координирано носење на одлуките на монетарната и фискалната политика – истакна гувернерката.
Таа укажа дека структурните реформи исто така може да имаат улога во намалувањето на инфлацијата преку мерки коишто овозможуваат зголемување на агрегатната понуда. Во економиите во подем тоа подразбира натамошни мерки за унапредување на деловното окружување, зајакнување на зелените инвестиции и зголемување на дигитализацијата. Најновата мерка на Народната банка со која се прават измени кај задолжителната резерва, како што нагласи гувернерката, е токму за поддршка на инвестициите во обновливи извори на енергија со што се засега овој структурен проблем.
Во Холандската конституенца на Меѓународниот монетарен фонд и Групацијата на Светската банка, покрај Холандија и нашата земја, членуваат и Босна и Херцеговина, Бугарија, Грузија, Ерменија, Израел, Кипар, Луксембург, Молдавија, Романија, Украина, Хрватска и Црна Гора. Средбата годинава под наслов „Од криза до закрепнување“ се одржува од 14 до 16 септември во Сараево.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.