Според последниот извештај на Светскиот економски форум, ризикот од фрагментација на глобалната економија (деглобализација) е еден од трите најголеми глобални ризици, заедно со кризата на трошоците на животот и климатските ризици. Процесот на деглобализација може особено неповолно да делува на малите економии коишто по својата природа се повеќе зависни од надворешна трговија и пристап до надворешно финансирање.

Ова беше дел од дискусијата на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на тркалезната маса којашто ја водеше директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, во рамките на конференцијата под наслов „Водење политики во немирни води: Јакнење на отпорноста на Централна, Источна и Југоисточна Европа“, во организација на Хрватската народна банка (ХНБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Конференцијата ја отвори директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, заедно со премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ и гувернерот на Хрватската народна банка, Борис Вујчиќ.

-Пандемијата и последиците од војната во Украина се еден од најголемите стрес-тестови на повеќедеценискиот процес на глобализација. Според некои оценки процесот на глобализација во изминатите четири децении овозможи зголемување на глобалниот доход за околу 10% во изминатата декада. Деглобализацијата е особен ризик за земјите од регионот, кај кои поради евентуалното намалување на трговските текови, како и на тековите на капитал, труд и технолошки иновации, може значително да се намалат потенцијалот за раст и реалната конвергенција, посочи гувернерката во своето излагање.

Како што е наведено во соопштението од Народна банка, во овие економии во изминатите две декади, трговската интеграција значително се зголеми, достигнувајќи 113 отсто од БДП, а зголемување бележат и финансиските текови, особено преку странски директни инвестиции. Сето ова овозможи пренесување финансии, знаење и технологии од поразвиените економии, а со тоа и забрзана реална конвергенција, којашто во просек се зголеми за околу 30 п.п. Сепак, во земјите од Западен Балкан, овој процес е побавен, поради што ризикот од деглобализација е особено голем предизвик за оваа група земји.

Земјите од Западен Балкан, коишто воедно и не се дел од Европската Унија, имаат пониско ниво на доход, коешто е само околу 40 проценти од доходот на ЕУ, а поголеми потреби за инвестиции во инфраструктура. Ваквите состојби, како и новите предизвици коишто ги донесе енергетската криза и потребата за поголема дигитализација уште повеќе ја истакнуваат улогата на глобализацијата во развојот на овие економии. Оттука, неопходно е да им се посвети поголемо внимание на структурните реформи со кои ќе се намали ранливоста на овие економии и ќе се зголеми нивната отпорност на шокови, а воедно ќе се подигне и нивниот потенцијал за раст. Меѓународните институции можат да го поддржат овој процес преку дополнително финансирање, а особено за земјите коишто не се членки на ЕУ и немаат пристап до европските структурни фондови.

Конференцијата на која учествуваше гувернерката е од висок профил и традиционално ги обединува гувернерите на централните банки, како и министрите за финансии од регионот на ЦИЈЕ и високи претставници на меѓународни финансиски организации. МИА

Фото: Народна банка



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.