Задолжително информирање на потрошувачот за условите под кои ги користи платежните услуги, како и информирање за надоместоците за најчесто користените услуги на платежната сметка ‒ со новата законска рамка се зајакнува заштитата на корисниците на платежните услуги во земјава, вели во интервју за „Марили“, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и посочува дека Народната банка постојано работи на унапредување на заштитата на корисниците на банкарски услуги, дури и преку формирање посебна организациска единица за оваа намена, којашто од годинава ќе започне со редовни наменски контроли од тој домен.
Гувернерката истакнува дека со новиот Закон за платежни услуги и платни системи се отвора пазарот за нови даватели на платежни услуги и се прошируваат услугите што ќе се нудат, но исто така измените се проследени и со соодветни регулативни барања заради заштита на потрошувачите.
Народната банка издаде листа од 11 најрепрезентативни услуги поврзани со платежната сметка за кои редовно ќе прибира податоци за надоместоците од секој давател на платежни услуги и ќе ги објавува на својата интернет-страница во компаративен контекст. Првото објавување на надоместоците на интернет-страницата на Народната банка е предвидено за крајот на септември оваа година. На овој начин граѓаните ќе имаат брза и лесно достапна информација за надоместоците – вели гувернерката.
Новина во Законот е дефинирањето сметка со основни функции за граѓаните, преку која ќе може да вршат редовни платежни трансакции со готовина, со дебитни картички и кредитен трансфер, во рамките на средствата на таа сметка.
За овие услуги надоместокот ќе биде ограничен на 0,1 % од просечно исплатената нето-плата, или околу 31 денар. Покрај ова ограничување на трошокот за одржување, Законот предвидува банките и штедилниците да не наплаќаат надоместоци за користење на сметката со основни функции за потрошувачите од ранливите категории – вели Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката истакнува и дека последните години Народната банка постојано работи на зајакнување на активностите во доменот на заштитата на корисниците на банкарски услуги, како и натамошно зајакнување на финансиската едукација на населението како важен предуслов за поголема финансиска инклузија. Од минатата година во Народната банка започна да функционира посебна организациска единица ‒ Дирекцијата за заштита на потрошувачите и финансиска едукација, којашто во првата година работеше на разгледување и дополнување на постојната регулатива од доменот на заштитата на потрошувачите, прибирањето податоци и анализата на поставеноста на банките во доменот на заштитата на потрошувачите, а во текот на годинава ќе започнат и редовни наменски контроли над банките во овој домен.
Во завршна фаза е подготовката на циркулар за банките што ги содржи најдобрите практики од оваа област, којшто треба да овозможи натамошно унапредување на транспарентноста и пристапот на банките и штедилниците кон своите клиенти, вклучително и кон поплаките. Поради зголемување на транспарентноста, од 2021 година банките почнаа да објавуваат стандардни табели со основните податоци за кредитите и депозитите што ги нудат, коишто се достапни и на интернет-страницата на Народната банка. Народната банка, во соработка со другите финансиски регулатори, веќе одреден период работи и на подготовка на Предлог-законот за финансиски омбудсман, со што се регулира решавањето на евентуалните спорови помеѓу физичките лица како корисници на финансиски услуги и финансиските институции.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.