Во февруари од вкупните домашни потреби од електрична енергија 90,2 проценти се обезбедени од домашните производни капацитети, додека останатите девет проценти се од увоз, информираше денеска на прес-конференција соработникот за енергетика во канцеларијата на претседателот на Владата на Република Македонија, Виктор Андонов.

Ова, посочи Андонов, не се случило во последните 15 години и тоа во зимските месеци.

– Затоа и пристигнуваат позитивните оцени, затоа што успеавме да ги амортизираме сите потенцијални ризици и шокови што ги наметна кризата со навремени мерки и исправни политики, изјави Андонов.

Потврда за енергетските политики што ги спроведува Владата, според Андонов, стигнала и од заменик директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница во своето обраќање пред собраниската Комисија за економски прашања.

– Пред пратениците тој потенцираше дека Република Македонија има доста успешно ниво на имплементација на законодавството во енергетиката и кажа дека мерките што ги презема владата во целост се добри и неопходни мерки, како и тоа дека Македонија не е единствена што реагираше со субвенции и државна помош, изјави Андонов.

Поддршката од енергетската заедница, нагласи Андонов, е многу значајна и интенција на Владата е да ги разгледа сите препораки, многу сериозно и во иднина да ја продолжи одличната соработка.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.