Комисијата за финансирање и буџет денеска ја продолжи амандманската расправа за ребалансот на Буџетот за 2022 година, во рамките на 38-та седница. Комисијата прифати еден амандман на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, во изменета форма, со кој ќе се обезбедат пет милиони денари за изградба на кружен тек во населено место Мислешево, охридско.

Ова е втор прифатен амандман на пратеничката група ВМРО-ДПМНЕ, која има поднесено над 170 амандмани. Првиот се однесуваше за одвојување на 2,5 милиони денари за расчистување на индустриската зона во Нерези. Досега се одбиени над 40 амандмани на опозицијата.

Вкупно се поднесени 204 амандмани. Од нив, 170 се на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, 28 се на Алијанса на Албанците и два на парламентарното мнозинство.

Согласно Деловникот за работа, расправата треба да трае 10 дена.

Со ребалансот на Буџетот, вкупните приходи се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за околу 6,9 милијарди денари или 2,9 проценти повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Износот на вкупните расходи е 288,5 милијарди денари или за околу 161,1 милијарда денари (5,9 проценти) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година.

Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари и се за околу шест милијарди денари пониски во однос на планот за 2022 година, но од власта најавуваат дека ќе продолжат проектите за изградба на патишта, железници, гасоводи. Се планира економскиот раст да биде 3,2 проценти, инфлацијата да достигне до 7,2 проценти, а дефицитот да биде 42,7 милијарди денари.

Амандманската расправа треба да продолжи по еден час пауза, односно во 15 часот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.