Поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров вели дека на претходната влада предводена од Димитар Ковачевски и на екс-шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи им укажал на грешките околу блокадата од Бугарија и за проблемите со францускиот предлог.
„Во ваква каша сме делумно од политика на паника и очај. Мора да созрее еден проблем за да се реши. Овој проблем ни го отворија соседите. И мора да најдеме начин да го решиме. Минатата влада го прифати проблемот и вети дека ќе направи нешто кое не можеше да се направи“, рече Димитров во гостувањето на емисијата „Дејли клик“.
Запрашан дали премиерот Христијан Мицкоски е во право кога вели дека претходните власти само климале со глава во Брисел и ветиле дека ќе направат нешто што не може да се направи, Димитров вели дека ова прашање е оставено од претходната влада.
„Поради ова прашање се разделив од претходната влада. Јас го направив она во што верував и имав разлики кои беа јавно кажани додека бев во Владата. Предвидував што ќе се случи и се случи. Одговорноста на тогашните одлучувачи е голема, бидејќи атмосферата беше дека самите земји-членки ни рекоа: Никола, дури и за нас процесот за пристапување е црвена линија која мора да ја задржиме и да нема билатерални прашања за историја и идентитет – тоа ќе биде проширување на Пандорината кутија“, рече Димитров.
Димитров вели дека за францускиот предлог ги предупредил поранешниот премиер и поранешниот МНР.
„Главните луѓе кои беа вклучени во овој процес. Ова се случи кога беа Ковачевски и Османи, а кога им се јавив да ги предупредам, одговорот беше: „ама вашата влада прифати“. И мислеа дека ќе испорачаат. Имав проблем со францускиот предлог и таа ситуација се покажа точна“, изјавил екс-министерот, на прашањето кој дозволил историјата и идентитетот да бидат вметнати во процесот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.