Министерството за внатрешни работи информира за заедничка акција со грчката полиција синоќа, во која бил спречен меѓународен транспорт на дрога на јужната граница, со вкупна вредност од 200.000 евра. Најдени се околу 40 килограми марихуана во две торби и приведени двајца државјани на Албанија.

МВР денеска соопшти дека граничната полиција од Регионалниот центар Југ вчера во 23.30 часот во близина на местото викано Вршник Бара, непосредно покрај граничната линија со Република Грција,  забележала две лица кои од територија на Македонија исфрлиле две торби преку жичаната ограда на грчка територија, а потоа и самите ја преминале граничната линија.

(фото: МВР)

Поради сомнеж дека во торбите се пренесува марихуана, Регионалниот центар Југ во координација со Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи, ја известиле Службата за дрога со седиште во Килкиз и грчката гранична полиција и со заеднички и координирани активности на полициските службеници од двете земји за кратко време се пронајдени двете торби во кои биле сместени околу 40 килограми марихуана.

Малку подоцна, соопшти МВР, од слобода биле лишени В.Х.(36) и Е.Џ.(52), двајцата државјани на Република Албанија. Грчката полиција ги задржала за понатамошна постапка и против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Ова е втора ваква заедничка акција од почетокот на август помеѓу двете полиции, при што и во првата беше спречен транспорт на 40 килограми марихуана, како резултат на разменети информации помеѓу Секторот за недозволена трговија со дрога при Одделот за криминалистичка полиција, Регионалниот центар Југ и Службата за борба против дрога од градот Килкиз, информира МВР.

(фото: МВР)

Во првата акција, на територија на Грција, лишен од слобода е грчкиот државјанин Ј.С., кај кого била пронајдена марихуаната.

МВР нагласува дека брзите и успешно реализирани акции за спречување меѓународен транспорт на дрога се резултат на добрата соработка меѓу службите за борба против дрога и граничната полиција од двете земји и дека таа ќе продолжи и во иднина за да се спречи секаков вид прекуграничен криминал.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.