Мобилните тимови на Царинската управа вчера на граничниот премин Деве Баир запленија 60 килограми опојна дрога марихуана, наменета за европскиот пазар, соопштија од Царинската управа.

Со ова е спречен меѓународен канал на нелегална трговија со дрога. Вредноста на запленетата дрога на нелегалниот пазар се проценува од 240 до 300 илјади евра.

Имено, во попладневните часови на излез од државата, мобилните тимови од Одделението за оперативни работи од Секторот за контрола и истраги, при вршење на царинска контрола на автомобил со романски регистарски ознаки управувано од романски државјани, пронајде опојна дрога марихуана со вкупна тежина од 60 килограми.

Опојната дрога е пронајдена во специјално направени бункери во возилото, каде биле сокриени 64 пакети марихуана.

Дрогата и возилото се одземени, а лицата се приведени и предадени на Одделението за истраги за спроведување на понатамошна постапка. До надлежното Основно јавно обвинителство – Куманово против двете лица е поднесена кривична пријава и за истите е одредена мерка притвор.

Во текот на 2022 година Царината спречи нелегална трговија на над 8 тони дрога и психотропни супстанци, со проценета вредност од 50,3 милиони евра на нелегалниот пазар.

Исто така, во 2022 година Царинската управа бележи и двојно зголемување на бројот на случаи на спречување на недозволена трговија во сите категории во однос на 2021 година. Споредено со 2021 година, кога имало 58 случаи на заплени, минатата година се евидентирани вкупно 114 случаи на заплени на: дроги и психотропни супстанци со проценета вредност од над 50 милиони евра, како и заплени на девизи, злато и акцизна стока во вредност од над 2 милиони евра. Рекордна заплена на злато и девизи во вредност од еден милион евра имаше неодамна, во втората половина на декември.

Царинската управа и оваа година продолжува со силна фокусираност на борбата со сите облици организиран криминал, спречувањето нелегална трговија и заштита на општеството, стои во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.