Полициски службеници од Бирото за јавна безбедност во координација со Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи и Државниот инспекторат за труд ноќеска, меѓу 01:30 и 04:30 часот, спроведоа акциска контрола во четири ноќни клубови и кабареа во Битола. Притоа е констатирано дека 42 лица биле пуштени во четирите угостителски објекти без КОВИД-сертификат и тие се запечатени од страна на Државниот пазарен инспекторат, а ќе следат соодветни поднесоци.
При тоа, во два ноќни клуба била пронајдена дрога (прашкаста материја и марихуана) за што ќе бидат поднесени кривични пријави. Утврдено е и дека едно лице употребило лажен КОВИД-сертификат за што, исто така, ќе следува соодветна кривична пријава.
Како што соопшти МВР, до надлежното обвинителство ќе биде поднесен и поднесок против сопственик на објект кој упатувал закани кон полициските службеници и инспекциските служби.
Ќе следат и соодветни поднесоци зашто во ноќен клуб е затекнат малолетник по 24 часот, а биле констатирани и прекршоци и по законот за пушење.
Констатирани се и случаи на неиздавање фискална сметка, а од страна на Државниот инспекторат за труд се констатирани 27 прекршоци за работење без договор за вработување.
Акциските контроли, како што најавува МВР, продолжуваат и во наредниот период.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.