Македонскиот Раскољников што убиваше баби со секира, Николче Гигевски викан Кинезот што уби двајца сопружници во Драчево, бездомникот Дино Диневски што се моли Сандра да стане и да каже кој ја уби, се само тројца од 46 осудени убијци што лежат во Идризово. Деветмина од нив се терористи, осум од акцијата Диво насеље и Агим Исмаиловиќ, убиецот од крвавиот настан на Смилковското езеро. Согласно последните измени на Кривичниот законик доживотниот затвор може да биде заменет со 40 години затвор. Претходно, доживотната робија можеше да се замени со 20 години, а многу поодамна и со 15.

Но, дали македонскиот правосуден систем нуди ресоцијализација или Идризово постои заради нехумано казнување на свирепи убијци и терористи?

Адвокатот Еленко Миланов за ТВ Алфа вели дека ако некој го осудат за убиство што го сторил на 20 години, треба да се има во предвид дека во наредните децении тој можеби и сфатил што направил и се покајал, па затоа заслужува и ревидирање на казната.

Еден од случаите кои ги има застапувано Миланов е убиството на Сандра од Автокоманда што се случи во 2006 за кое доживотен затвор лежи бездомникот Дино Диневски. И по речиси 20 години од убиството, дел од јавноста се уште не е убедена дека Дино е силувачот и убиецот на Сандра. Миланов е убеден дека судот немал цврсти докази за да ја изрече највисоката санкција. Според неговото сеќавање најцврстиот доказ е климав бидејќи Дино не бил виден на местото на настанот на денот на убиството.

Освен неколкумина терористи во најозогласеното оддлено во Идризово викано деветто крило лежат осуденици за свирепи убиства на своите сопруги, мајки и убијци од користољубие. Меѓу нив единствена жена е Блерта Поцеста, иселеничката од Италија која во семејната куќа во Дебар ги уби родителите и 14 годишната сестра. Медиумите пишуваа за мотивите на Блерта. Според едни, Поцеста си го убила семејството поради пари, а за други, бидејќи родителите не ја пуштиле да се венча со Италијанец.

Сите овие имаат право на преиначување на казната доживотен затвор откако одлежале или ќе одлежат најмалку 15 години.

Извор: ТВ Алфа

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.