Колку пати годинава си рековме „не може полошо од ова“? Убиства за пари, колење од „љубов“, киднапирања, исчезнати лица, мафијашки пресмтки, пукања сред бел ден сред „убавиот“ град… За многу од нив велевме дека „не смее да се повтори“, но се повторија. За многу од нив рековме „не смее да се заборави“, па се заборавија…
Ова се само дел од вестите во црната хроника кои ја одбележаа 2023 година.
Вања
Името кое ќе ни остане грутка во грло. 14-годишно девојче, чија прерана смрт уште остава многу неодговорени прашања, но одговори во какво општество се претворивме. Злосторствата кои ги гледавме само во филмовите, сега ги живееме.
Киднапирана од нејзиниот дом, врзана, ставена во вреќа за спиење и багажник. Засекогаш прекинато нејзиното детство и животите на нејзината сестра и мајка.
Истрагата околу нејзиното киднапирање и свирепо убиство уште е во тек. Во притвор, покрај осомничените киднапери и соизвршители на убиството, е и нејзиниот татко. Монструмот кој ѝ пресудил уште е во притвор во Турција.
Владата не ја удостои со прогласување Ден на жалост.
Онкологија
Степенот на мизерија до кој е стигнато македонското здравство мислевме дека го видовме за време на најлошите месеци од пандемијата, зимата 2021-ва. Но, трулотијата излезе на виделина преку Клиниката за онкологија.
Лекови биле крадени и препродавани со години, место нив, низ вените на болните од рак течел физиолошки раствор.
Досега само една медицинска сестра се соочува со некаква правда. Ни на директорот, ни на докторите, ни на министрите за здравство им фали влакно од глава. Ниеден од нив не поднесе оставка од морални причини.
Јана и Јован
Двете мали срца кои престанаа да чукаат во битолската болница, која од регионален медицински центар стана зграда на смртта. „Нема грешка“ велат лекарите околу смртта на шестгодишната Јана.
Нема ни за новородениот Јован, чија мајка помина низ неколку часовни породилни маки, навреди, патење, а без дете во раце замина оттаму.
Кочани
Повеќе од 40 убоди со нож ја пречекаа 46-годишната мајка на три деца од Кочани на патот кон работа. Раката која ѝ пресуди со години ја малтретирала. Еднаш се осудила да поднесе пријава во полиција за неговите уцени, но институциите овде повторно потфрлија.
Бутел
Неказливоста на дивеењето по скопските улици значеше и прерана смрт за 25-годишниот Мусли Весели, кој само што го добил своето прво дете. Чекајќи на семафор за да си оди дома, тој буквално беше покосен поради несовесноста не на еден, туку на двајца возачи. Едниот возел пребрзо, другиот од грешна лента свртил лево на црвено светло.
Раде Штекли
Насмеано лице ни се смее од фотографиите од болница, како сосема нормално да е некој двапати да се обиде да те убие. Познат припадник на чаирска банда беше причината да дојде до пукотници среде трговски центар полн луѓе, случај, за кој, секако дека нема никаква завршница.
Штекли се фали со лузните, а од пукачот кој се бараше преку „Фејсбук“ се уште нема трага и глас.
Што се однесува до „Ист гејт“, пак, каде годината почна со поплава, после ова второ пукање, во гаражата се запали и возило.
„Шиша бар“
Мафијашките пресметки годинава почнаа со речиси 50 испукани куршуми од кои најголемиот дел завршија во телата на Јетон Кривањева и Енес Исеинов кои на почетокот на март беа начекани во бар во Старата скопска чаршија. Засега има само едно приведено лице за соучесник во убиствата, друг загина во пукање на Косово, а на двајца, пак, летово прерано им го скратија одморот во Грција.
Спасовски: Годинава бележиме намалување на криминалот
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на годишниот брифинг за 2023 година истакна дека во текот на оваа година се бележи намалување на криминалот за осум проценти и дека се сузбиени 13 криминални групи со над 100 лица.
Тој како главни случувања ги спомна одржувањето на Меѓународната конференција на Интерпол во Охрид, како и министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје.
Спасовски исто така посочи и на управувањето со миграциските токови, усогласувањето на правната рамка за миграција со Меѓународната конвенција за мигранти, борбата против тероризам, спречувањето на трговијата со дрога, каде што рече дека се бележи голем напредок.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.