Уапсен е 22-годишниот маж кој наводно ја убил 17-годишната девојка Николета во Перистери, во понеделникот вечер, јавија грчките медиуми повикувајќи се на објавата на грчкиот министер за цивилна заштита Такис ​​Теодорикакос, кој соопшти дека 22-годишниот Пакистанец кој ја уби 17-годишната Николета од Перистери сега е во рацете на полицијата.

Тој сега е во рацете на грчката полиција, која го сомниче дека е извршител на убиството на седумнаесетгодишната Николета во Атина и ќе биде изведен пред надлежното обвинителство, објави министерот Теодорикакос.

Според информациите на newsit.gr, тој ја напуштил Атика како и Грција и заминал во Македонија со намера да продолжи кон земјите од Централна Европа.

Украдениот телефон на брутално убиената 17-годишна Николета како и блиската соработка на полициските власти на Грција и Македонија, доведе до апсење на 22-годишниот Пакистанец, јавуваат грчките медиуми.

За неговото бегство биле известени сите балкански власти, посебно полицијата во Македонија.

Како резултат на засилените контроли, вчера попладне во Македонија е идентификувана група илегални имигранти, во која е констатирано дека е присутен и наводниот извршител на грозоморното убиство, по потекло од Пакистан.

Во истите информации се наведува дека со себе го имал и мобилниот телефон на 17-годишната девојка кој бил без сим-картичка.

Неговиот мобилен телефон за последен пат дал сигнал во петокот во Солун и со тоа ги мобилизираше тамошните власти, но изгледа го оставил во Солун.

Осомничениот Пакистанец исчезна од денот на убиството на 17-годишната девојка од нејзината куќа во Перистери, а со неа бил во љубовна врска.

Според форензичкиот извештај смртта кај девојката настанала со задушување, а пред тоа имала тепачка со сторителот која завршила кобно за девојката бидејќи насилникот со раце и ги покрил устата и носот и ја задушил.

Младата девојка 7 минути се борела со својот убиец, за да се одржи во живот, пишуваат грчките медиуми.

Од вадењето на податоците од мобилниот телефон на 17-годишната Николета, произлегува дека малолетничката во последните денови и на денот на убиството добивал низа пораки од 22-годишниот Пакистанец.

Малолетничката сакала да ја прекине врската, па дури и побарала да и ги врати клучевите од куќата. Тој не го прифатил тоа и се чини дека станал многу агресивен кон неа што на крајот доведе до убиство на девојката која имала трауматично детство, со оглед на тоа што на 11-годишна возраст заедно со својот помал брат биле силувани од тројца мажи кои потоа се осудени за случајот.

Вчера полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Стар Дојран го лишиле од слобода П.К.(26) од с.Јосифово, валандовско, соопшти МВР.

Околу 02.40 часот на магистралниот пат, делница Марвинци – Удово, кај место викано „Калковска река”, полициските службеници забележале како од неговото возило „бмв” излегле мигранти, по што се дал во бегство. Набргу, тој бил пронајден и лишен од слобода, а биле пронајдени и 12 лица мигранти (девет од Сирија и три од Пакистан), кои биле спроведени во Прифатниот транзитен центар „Винојуг” во Гевгелија, соопшти МВР без да прецизира дали меѓу овие уапсени Пакистанци било и лицето кое во Грција се барало за убиство на девојката Николета.

П.К. бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.