Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека поставувањето на камерите од системот „сејф сити“ е при крај и оти очекува и би сакал тој да почне да функционира од почетокот на следната година.

„Сејф сити“ е проект кој е од круцијален интерес за Македонија, првично за Скопје како центар, секако за Тетово и Куманово. Но, Скопје е главниот фокус, половина од Македонија е во Скопје, половина од прекршоците се во Скопје. Сметам дека ако можеме да возиме во рамки на дозволена брзина во Австрија и во Германија, може да возиме со дозволена брзина и во Македонија. Целта е да се намали бројката на смртни случаи како последица на небезбедно возење, вели Тошковски во интервју за Слободен печат.

Според него, ова не значи исклучување на полицајците од контрола по улиците. -Полицајците ќе ги има, сакам да ги има во зголемен број. Враќањето на позорникарите е следна цел. Мора да најдеме начин како да ја доближиме полицијата до граѓаните, вели Тошковски.

Што се однесува до првите казни од камерите за „Безбеден град“, министерот вели дека до крајот на оваа година ќе има законско решение кое ќе овозможи примена на овој систем.

Не би сакал да си дозволиме да го воведеме, да се стави во функција, а притоа да имаме проблем со доставување на казните. Задолжително ќе мораме да имаме период на адаптација, јас би го нарекол превентивен период каде што би укажувале, би опоменувале, но тоа да не трае до бескрај. Мислам дека е разумен период од 30-тина дена. Јас би сакал да профункционираме од Нова година – вели министерот.

Тој во интервјуто говори и за издавањето на пасошите со новото име на државата. Притоа потенцира дека се издадени повеќе од 400.000 пасоши за периодот што тој го менаџира како министер за внатрешни работи, и во техничката Влада и сега. Засега се чека за издавање на пасош по редовна постапка, но, додава, за два месеци се ќе се нормализира.

Тие што ќе се фотографираат во септември, ќе го земаат пасошот за 15 дена. Тоа е реалноста сега, ако се зголемат бројките, пак нема да го запазиме законскиот рок. Меѓутоа, во рамки на очекувањата, би требало во септември веќе да имаме нормален законски рок од фотографирање за 15 дена да имаме издавање на патната исправа. Во итна постапка, граѓаните кои имаат потреба можат да обезбедат пасош за вкупно четири дена, вели министерот.

Министерот за внатрешни работи во интервјуто се осврнува и на состојбите со криминалот и со дрогата во земјата. Според него, состојбата со количините на дрога што ја има по улиците е катастрофална.

Секој еден граѓанин скопјанец, битолчанец, ресенчанец, кавадарчанец, тетовец, ако го прашате каква е ситуацијата на терен во овој контекст, ќе ви кажат дека е катастрофална. Колку што сега има дрога на улица, немало никогаш. Количеството на дроги на улица во последните четири години е фрапантно, вели Тошковски и тоа според него треба да се промени.

Прашан за безбедноста на границите Тошковски потенцира оти полицијата на тоа прашање треба да се посвети темелно и сеопфатно.

Тоа значи дека ќе имаме еден центар, од којшто ќе се употребуваат технички уреди, термални камери, дронови. Ќе се дејствува со мобилни екипи од внатрешноста, за да може длабински да се покрива, особено зелената граница, да имаме вистинска контрола и реална слика за фактичката состојба на границата. Дали досега тоа е ненаправено од немукает на претходните министри или заради тоа што така му одговарало на некој, ќе видиме, вели Тошковски.

Според него, ако сакаме да имаме вистински увид на фактичката состојба и вистинска борба против нелегална имиграција, вистинска борба против трговија со одредени нелегални работи, мора да се работи.

Ќе дадам еден пример, само краток. Многу од овие несакани насилни кривични дела коишто биле во минато, биле преземени од страна на поединци, луѓе коишто не се македонски државјани, кои влегуваат од соседните држави по диви рути, сторуваат тоа што сторуваат и после тоа повторно по истата рута се дислоцираат од државата, додава Тошковски.

Министерот за внатрешни работи вели дека во претстојниот период ќе мора да се работи многу на унапредување на работата на Министерството, бидејќи, како што нагласува, во МВР фалат многу работи, фали човечки кадар кој е обучен и стручен во делот на форензичари, луѓе од хемиската област кои се експерти, машинска струка и професионалци од информатичките области, фалат пилоти.

Она што е моја болка е освен организиран криминал и висока корупција, од аспект на соодветен фокус во делот на технички ресурси и човечки ресурси, коишто треба да ги фокусираме, се управните служби. Тоа е сè што е поврзано со лични карти, пасоши, возачки дозволи. Треба да имаме систем на функционирање. Се надевам дека после четири години, ќе имаме систем што функционира. Без оглед дали ќе биде прв на институцијата кадар којшто доаѓа од десница или доаѓа од левица или не знам, доаѓа од некоја центропартија, вели Тошковски.

Во врска со борбата против корупцијата, како што нагласува во интервјуто, смета дека законот треба да важи за сите и оти како техничка Влада тоа и го покажале на дело.

Покажавме дека нема да има недопирливи и покажавме дека дури и во таков технички период, може да се работи професионално во делот на надлежноста на МВР. Ама мора да има резултат. На крајот народот мора да види дека во рамки на вистината, врховен судија одговара доколку рекетира. Член на Совет на јавни обвинители ќе одговара доколку стори нешто што е незаконско. Па и министер кој ќе стори нешто незаконско, ќе одговара. Едноставно, треба вистински да се бориме против овие несакани работи, за да можеме да го направиме тоа што е од интерес на сите, а тоа е за одреден временски период да се гордееме со земјата во која живееме, нагласува министерот за внатрешни работи Тошковски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.