Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжи рочиштето за случајот „Софтвери“, во кој првообвинет е поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски.

Вештакот на Јавното обвинителство, Мане Пиперевски констатира дека софтверот што Рашковски го набавил како генерален секретар на Владата од фирмата „Инвока груп“ не работел. Според Пиперевски, во доставената документација од Владата за софтверот лозинката не била точна, па вештакот морал преку адвокатите да дознае од обвинетите, која е точната лозинка за да може да го отвори системот.

По инсталирањето, како што вели тој, се појавила грешка поради која не можело софтверот да се стави во функција и да се продолжи со детална проверка на неговата функционалност.

Вештакот не можел да провери дали навистина софтверот мери брзина, констатира прекршоци кај возачи, но и да детектира дали некое возило е регистрирано или украдено, поминува на црвено светло, погрешно се престројување или има сообраќаен метеж…, поради тоа што софтверот не можел да се вклучи.

Рашковски е обвинет за кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување” и „перење пари и други приноси од казниво дело”. Во истиот случај се обвинери и И.Д., И.Х., Д.С., И.И., И.И. и М.С. за „злоупотреба на службената положба и овластување”.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.