Силниот ветер во Штип продолжува да прави штета и во попладневните часови. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов за МИА изјави дека пожарникарите во моментов интервенираат на улицата „Браќа Даневи“ во населбата Автокоманда, каде има урнато дел од кровна конструкција на станбена зграда. Тој истакна дека дел од штипските населби немаат улично осветлување, поради искинати кабли, а има и скинати кабли на кабелските и интернет операторите. Од утринава екипите на ЈП „Исар“ и пожарникарите од ТППЕ-Штип интервенираа и на остранување на паднати дрвја и гранки во неколку населби.

МИА информираше дека од силниот ветар падната е и дел од кровната конструкција на средното електро-машинско училиште „Коле Нехтенин“. Највисокиот дел од кровот на училиштето заврши на другата страна на објект, кој се наоѓа до самото училиште. За среќа нема повредени ученици и вработени, ниту уништени автомобили. Директорката на Средното општинско училиште (СОУ), Јованка Шалева изјави дека учениците се безбедни.

За жал, заради силниот ветер на највисоките дел од училишниот кров имавме оштетување, и ќе треба да го решаваме тој проблем. Учениците се безбедни, нема повредени ниту вработени, нема ниту оштетени автомобили. Заради невремето со силниот ветер уште во прва смена ние ги предупредивме учениците дека треба за време на одморите да останат во училиштето и тоа тие го почитуваат, вели Шалева.

На лице место беа пожарникарите од ТППЕ-Штип како и екипи од ЈП „Исар“, кои посочија дека дел од кровот кој паднал на друг објект ќе биде отстранет, со цел да не се предизвика дополнителна штета. Исто така се разгледуваа сите околности да се преземат мерки и активности да не дојде до паѓање и на друг дел од кровот на училиштето.

Од ЦУК информираат дека неколкупати е известена и дежурна служба на ЕВН за ризични електрични столбови, кои се навалени и исфрлаат искри од жиците, поради последиците од ветерот и тоа на териорија на општините Штип, Кочани и две села. Според известувањата на УХМР има портокалов предупредување за ветер. Исто така се апелира граѓаните да бидат внимателни и да не се движат на места каде има високи дрва со цел да се заштитат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.