Мислам дека овој сведок денеска даде свое видување на целата таа ситуација дека се работи само за обична тепачка, обичен инцидент и далеку од она што претставува правна квалификација, обвинување за тројцата обвинети, изјави бранителот Иле Танев во врска со сведочењето на очевидецот за случајот со убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот.
На денешното рочиште сведочеше Мартин Ѓорѓиевски, кој заедно со обвинетите Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски бил излезен вечерта кога се случил конкретниот настан.
Сведокот раскажа за текот на случувањата во дискотеката до заминувањето во такси.
Јас бев зад совозачот, потоа мислам дека Анџело седна до мене на средина, а Клементина влезе од левата врата. За да седне и Виктор, Клементина се префрли кај Анџело во скут. Денис влезе во таксито и му кажавме да излезе, бидејќи чекаме да влезе другар, но тој упорно се пикаше во колата и почна да упатува погрдни зборови кон Клементина: „што сакаш ти курво мала“ и кон Анџело: „ти да ќутиш“. Анџело му рече: „полека малку, смири се“, а Клементина му нагласи: „излези, не е за тебе местото“. Тој дел од секундата почна некоја си турканица внатре во таксито и имаше напад кон Клементина и Анџело од страна на Денис, раскажа Мартин Ѓорѓиевски.
Потоа, како што рече, Анџело извикал „што ме маваш“ и дека сѐ тоа се случило во неполна секунда. Кога излегол од таксито, сега починатиот Денис Тот, веќе паѓал на грб и тој веднаш се стрчал да ги раздвои.
Тоа беше шок за мене, сепак, Денис ми беше другар, секој втор, трет ден во неделата ние бевме заедно, рече тој.
Според адвокатот Танев, исказот на сведокот оди во друг правец.
Дава една друга слика која што во никој случај не може да се подвргне на оваа квалификација која што сега е дадена, бидејќи, едноставно се работи за еден моментен, инцидент, се работи за конфликт и се работи за една најобична тепачка, рече адвокатот.
Адвокатот кажа дека се во фаза на подготвување на одбраната и, како што рече „не сакам да откривам некои работи, но, тоа ќе го слушнете на наредната расправа, каде што ќе дадеме комплетно елаборирање и одбраната ќе ја насочиме во друг правец“.
Според него, ослободителна пресуда не може да се очекува, но, дополни, доколку остане ваква правна квалификација, би било логично затоа што, како што рече „вакво дело не постои“.
Обвинителството ги гони обвинетите Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.
Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, а застапник на обвинението е обвинителката Тања Трајчевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.