Изнервиран што со автомобилот удрил во столб на монтажниот паркинг зад трговскиот центар „Буњаковец“, скопјанец излегол и искршил уште 18 ветробрански стакла на возилата кои биле таму паркирани.
Ова е сведоштвото за невообичаеното утро на граѓаните на оваа населба во центарот на Скопје кои ги разбудил звукот на кршење на стаклата при што веднаш дотрчале на паркингот да видат што се случува, и останале шокирани од глетката. Оштетените ваквата ситуација ја раскажаа за „Канал 5“ позади камерите, оти не сакаа да бидат снимени. Тие велат дека го познаваат сторителот, кој имал психички проблеми.
Според неофицијалните информации, сторителот прво ветробранските стакла ги кршел со рака, а откако се повредил, продолжил да ги оштетува со тврд предмет, од каде и произлегол звукот кој што ги разбудил граѓаните.
Oд МВР сооптшија дека полициски службеници од Полициска станица Центар при СВР Скопје го привеле С.А.(48) од Скопје, постапувајќи по пријави од граѓани примени во 07.25 и 07.40 часот, според кои во катна гаража во близина на трговски центар на подрачјето на Центар било извршено оштетување на нивните патнички возила.
Од страна на полициски службеници веднаш е излезено на местото на настанот и по преземени мерки било констатирано дека станува збор за оштетување на 18 патнички возила коишто биле паркирани во катната гаража, велат оттаму.
Извршен бил увид од страна на увидна екипа, а по дополнителни мерки утврден е сторителот кој ги извршил оштетувањата, кој бил приведен во полициска станица и со него бил извршен службен разговор.
За случајот е известен Јавен обвинител по чии насоки делото е класифицирано по чл.243 од Кривичниот законик и се гони по приватна тужба, а од страна на МВР ќе се преземат сите неопходни активности за документирање на делото.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.