Просветни инспектори денес влегоа во основното училиште „Љубен Лапе“ во скопската општина Аеродром, откако ученици и родители на вториот ден од второто полугодие ја бојкотираа наставата незадоволни од односот на наставничка по математика кон децата.
Родителите на шестоодделенците од три класа од ова училиште тврдат дека наставничката ги омаловажувала, навредувала и психички малтретирала учениците. Тие бараат разрешување на наставничката, а во спротивно нема да дозволат нивните деца да одат на училиште.
Од Министерството за образование и наука ни одговорија дека согласно информациите од Државниот просветен инспекторат, врз основа на доставена претставка за работата на наставник во посоченото училиште, денес ќе биде извршен инспекциски надзор, по што ќе бидат споделени повеќе информации во јавноста.
Според претседателот на Советот на родители, пак, прекршени се сите професионални стандарди и кодексот за држење настава.
Прекршени се сите правилници и професионални страндарди за наставници и етички кодекс. Но сожалувањето и колегијалноста се ставаат пред интересот на децата и квалитетот на нивната настава. Она што сите треба да го сфатат е дека образованието во настава почнува со квалитетен однос на наставниците, а тоа тука се игнорира“.
Инаку, сега веќе поранешната директорка на училиштето Марјана Панчевска поради овој случај поднесе оставка до градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски, кој именуваше в.д. директор.
Според Муцунски, тоа што се случувало досега е недозволиво, а првиот приоритет на новиот в.д. директор ќе му биде да ја разреши оваа состојба во училиштето за наставниот процес да се нормализира. Тој додаде дека децата мора да имаат редовна и квалитетна настава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.