По приведувањето на 41-годишник од тетовски Порој во вторникот, за убиство во 2013 година, одреден му е притвор, а Обвинителството почна истражна постапка за него, како и за уште еден човек на иста возраст кој му помогнал во извршување на кривичното дело.

Лицето Ш.Ш на 12 октомври 2013 година, на излезот од селото Пирок, со умисла лишил од живот лице од Тетово поради претходни нерасчистени недоразбирања. Второосомничениот го ставил на располагање својот автомобил и двајцата заеднички набавиле автоматска пушка која на граѓаните им е забранета.

Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против двајца сега 41-годишни жители на селото Порој, од кои првиот е директно осомничен за кривично дело – Убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик сторено во 2013 година, додека другиот му помогнал во извршување на убиството и бил соучесник во – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 од Кривичниот законик, информираше денеска Јавното Обвинителство.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за двајцата. Согласно донесеното решение, за првоосомничениот притворот е ефективен веднаш, а за второосомничениот, кој е во бегство, притворската мерка ќе започне да се применува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода.

Во вторникот 12 ноември во 16.30 часот од страна на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за општ и насилен криминал во содејство со СВР Тетово – Одделение за општ криминал Ш.Ш.(41) од с.Порој беше лишен од слобода.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.