45-годишен турист од Полска денеска е повреден од камења кои се одрониле на патот кон Матка, по што веднаш со возило ма на итната медицинска помош е префрлен на скопските клиники, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Секторот за операции и координација на ЦУК спровел акција за згрижување на повредениот турист од Полска и за преземање мерки за безбедност, бидејќи имало опасност од други одрони, а и за расчистување на одронот на местото.

„ЦУК го извести раководителот на ЈП „Улици и Патишта“ на Град Скопје за нивна интервенција за расчистување на теренот. Одговорот беше дека надлежност за тој пат има „Македонија Пат“ и општината Сарај“, велат од ЦУК.

По остварените комуникации, ЦУК добиле одговор од „Македонија пат“ дека според дадените координати, тој пат не е под нивна надлежност, туку под Општина Сарај.

Телефонски контакт е остварен и со комуналниот инспектор на Општина Сарај, на кој му е пренесена информацијата за надлежностите, поточно дека ниту ЈП „Улици и Патишта“, ниту „Македонија Пат“ имаат надлежност за негово расчистување и дека тој пат е под ингеренција на општината. На лице место имало и полицајци, додаваат од ЦУК.

Од нивна страна и од страна на Општина Сарај ќе биде направен записник за утврдување на фактичка состојба.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.