Поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, денеска сам се пријавил во истражниот затвор “Скопје” на издржување затворска казна од две и пол години, која му беше досудена за случајот “Акмис”.
Панчевски првично беше осуден на казна затвор од три и пол години, но Апелација му ја намали за една година. Беше огласен за виновен за злоупотреба на службената положба, поточно дека рачно местел предмети кај одредени судии, како претседател на судот, во периодот од 2013 до 2016 година.
Тој беше разрешен од судиската функција поради нестручно и несовесно работење во декември 2019 година, а Врховниот суд неговото разрешување го потврди во јуни 2020 година.
Пресудата, како и издржувањето на затворската казна доаѓа по обвинувњата дека Панчевски, во време кога тој „шефувал“ со скопскиот кривичен суд, односно од 23. јануари 2013 до 14. септември 2016 година, го прескокнувал АКМИС системот, односно електронското распоредување на предмети, така што со негов потпис предметите им ги делел на судии коишто тој ќе ги изберел.
Според Обвинителството тој рачно поделил 45 судски предмети, а ваквото тврдење беше поткрепено и со изјава на сега веќе разрешениот судија Стојанче Рибарев, кој, пак, извесно време ја извршуваше функцијата „вршител на должност“ – претседател на Основниот суд Скопје 1 – Скопје
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.