Денеска судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски продолжи со изведување на докази од страна на Обвинителството во Основниот кривичен суд Скопје.

Вида Ќириќ, сопственик на возилото „рено кангу“ кое беше користено при грабнувањето на Вања и Панче, раскажа како нејзниот автомобил се нашол во центарот на вниманието.

Кога Вида и сопругот Ѓорги Ѓолев заминувале да живеат на Исланд го дале на партијата Десна чиј член бил сопругот. Но, за тоа немало никаков документ.

Возилото беше дадено како донација на користење, не потпишавме никаков документ, објасни Ќириќ.

Сопругот Ѓорги исто така се согласил возилото да се отстапи на Десна за да им се помогне во селењето во новите простории кај Железничка. Со Палчо се слушале повремено на социјалните мрежи додека бил на Исланд.

Немаше причина зошто им го дадов возилото, но немавме потпишано полномошно. Не е ништо невообичаено да се даде возило на користење, рече Ѓолев.

Во стариот штаб на партијата во Кисела Вода каде што спиел Палчо сведокот видел пиштол во футрола.

Претпоставувам дека пиштолот бил на Палевски, рече сведокот.

На минатите рочишта сведочеа мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, ќерката на Жежовски, Ана Киркова и нејзиниот сопруг, Тодор Кирков, како и повеќе лица вклучени во истрагата за двете убиства.

На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.

Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Додека, грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.

Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.