Во Скопје денеска се одржа последната од серијата дискусии на тема „Дијалози за работата на полицијата во заедницата“, која според организаторите, резултирала со предлагање практични решенија и препораки, но и со подигнување на свеста околу потребите и предизвиците на демократското полициско работење.
Како што информираат организаторите од Евротинк-Центар за европски стратегии, тематските дискусии се одвиваа во текот на февруари и март оваа година во секој од осумте плански региони во државата – Куманово, Велес, Гостивар, Битола, Охрид, Штип, Струмица и Скопје, и се насочени кон разгледување на предизвиците поврзани со транспарентноста, отчетноста и видливоста на полицијата во локалните заедници.
Крајната цел е да се одговори на потребата од зголемен дијалог и комуникација кои би придонеле кон подобрени јавни политики во работа на полицијата, а во соработка со граѓаните. На дискусиите учествуваа локалните засегнати страни, преку комуникација со различни цивилни локални и национални актери, но и полициски структури.
Од Евротинк потенцираат дека тематските дискусии имаа за цел да ги разгледаат поголемите предизвици со транспарентноста и отчетноста на полицијата во локалните заедници.
Оваа активност се одржа во рамки на проектот „Подобрување на транспарентноста и отчетноста на полицијата во Република Македонија“ за чие спроведување Евротинк потпиша Меморандум за соработка со Министерството за внатрешни работи.
Активноста е поддржана од Националниот фонд за демократија на Соединетите Американски Држави (National Endownment for Democracy – NED).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.