Министерството за внатрешни работи излезе со првични детали за вчерашната мафијашка престрелка во Чаир.

Едно лице е убиено, а три се повредени откако вчера во угостителски објект на улица „Браќа Реџепагиќ“ во Скопје две лица пукале со автоматско оружје.  Ј.И.(47) од Скопје бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што околу 22:20 часот починал, додека М.А.(43) и Л.Ш.(42) од Скопје биле пренесени во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ за укажување на лекарска помош, а во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ со повреди – исекотини на раката бил донесен А.И.(30) од Скопје, велат од МВР.

Случајот бил пријавен во СВР Скопје околу 21:40 часот.

Увид на местото извршиле полициски екипи и се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за расчистување на случајот, се наведува во соопштението од МВР.

Од Јавното обвинителство денеска информираа дека јавниот обвинител издал наредби за прибирање и анализа на трагите пронајдени на лице место, како и наредба за обдукција на починатиот.

По наредба на јавниот обвинител обезбедени се снимките од видео надзорот на околните објекти. Се работи на утврдување на идентитетот на сторителитe, се наведува во соопштението од Јавното обвинителството.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.