СВР Скопје го расчистил случајот со обидот за убиство на градоначалникот на Арачиново од 1 април годинава. Откриен е идентитетот на сторителот на кривичното дело и против него до Основното јавно обвинителство Скопје е поднесена кривична пријава за „убиство во обид”.
Како што информира утрово Министерството за внатрешни работи, се работи за 36-годишен М.А. против кого вчера била поднесена пријавата до ОЈО Скопје „по целосното комплетирање на службените материјали и извршените вештачења“.
МВР потсетува дека кривично-правниот настан се случи на 1 април 2024 во скопското село Арачиново, кога беше пријавено дека кон градоначалникот на општина Арачиново Р.И. и други лица вработени во општината, непознато лице од автоматско оружје испукало повеќе проектили додека тие вршеле увид во градежни работи. Во пукањето биле повредени Е.С. (39) и А. А.(22).
Веднаш по добиената пријава, од страна на полициски службеници од Единицата за насилен криминал – Одделението за крвни и сексуални деликти при СВР Скопје, во координација со ОЈО Скопје, преземени се бројни оперативно-тактички и истражни дејствија, при што е утврден идентитетот на сторителот, информира Министерството за внатрешни работи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.