Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Бирото за јавна безбедност во рамки на Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста за забележана зачестена појава во изминатиов период, каде непознати лица преку социјалните мрежи или преку нивните приватни електронски адреси таргетираат македонски корисници и испраќаат линкови до веб страни и сервиси преку кои се ветува лесна заработка со исполнување на одредени задачи кои се доделуваат на дневно ниво од самиот сервис или апликација.
Измамата ја вршат на тој начин што, откако лицата ќе се регистрираат и ги остават нивните лични податоци, добиваат кориснички профил преку кој може да купат одреден пакет во зависност од паричните средства кои се подготвени првично да ги инвестираат преку купување на претплатнички пакети во криптовалути. Откако корисникот ќе ја направи иницијалната инвестиција, добива одредени задачи кои вклучуваат посета на веб-страни или преглед на видеа за кои добиваат соодветен надомест, во зависнот од пакетот што го имаат избрано. На овој начин сѐ повеќе граѓани влегуваат на пазарот за криптовалути, но немаат доволно знаење или информации како да го направат тоа на безбеден начин.
Како резултат на тоа, зачестија измамите, во кои граѓаните остануваат без илјадници евра и криптовалути. Со цел да се избегне таквото сценарио, експертите редовно ги предупредуваат граѓаните да внимаваат да не станат жртви на инвестициски измами. Се советуваат граѓаните, за да избегнат вакви измами, пред сѐ, да бидат претпазливи кон сите понуди што ветуваат нереално високи приходи за многу краток временски период – ова е првиот и најочигледен знак дека станува збор за измамнички намери.
За време на комуникацијата не треба да се даваат на никого доверливи лични податоци, фотографии од лични документи, банкарски картички, како и еднократни лозинки за апликации за банкарство преку Интернет или други податоци за овластување на банкарски трансакции.
Што можат да направат граѓаните:
• Секогаш да побараат финансиски совети пред да дадат пари или да инвестираат средства;
• Да ги одбијат ненајавените повици за можности за инвестирање;
• Да се информираат и да побараат непристрасни финансиски совети пред да инвестираат пари кон понудите што ветуваат сигурна инвестиција, гарантирани приноси и голем профит;
• Ако некогаш инвестирале во измама, измамниците најверојатно ќе ги наведат повторно или ќе ги продадат нивните информации на други измамници;
• Да стапат во контакт со полиција доколку се посомневаат во нешто.
Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика апелира граѓаните и правните субјекти да не отвораат сомнителни линкови и прикачени документи во прилог на пораки што не доаѓаат од верификувани и за нив познати испраќачи, да не наседнуваат на измами од ваков тип и правните субјекти да преземат соодветни мерки за заштита на нивните компјутерски системи од потенцијален малициозен софтвер согласно нивните интерни процедури за сајбер безбедност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.