Од Министерството за внатрешни работии соопштија дека, по извршени детални проверки од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, комплетно е расчистен случајот со нелегалното користење на т.н. флешери, за кој во јавноста беа пласирани низа шпекулации.
-Од обезбедените видео снимки и други службени материјали, утврден е идентитетот на возачот Г.К. (29), кој управувал возило кое е во сопственост на правно лице. На Г.К. во полициска станица му е изготвен записник за констатиран прекршок од Законот за безбедност во сообраќајот и поведена е прекршочна постапка против правното лице и одговорното лице. Исто така, по извршена контрола врз возилото во полициска станица, утврдено е дека се отстранети нелегално поставените флешери, информираа од МВР.Од Министерството наведоа дека по детални проверки на службените материјали, како и преглед на видео материјал и фотографии, констатирано е дека на 26 ноември 2022 во 17.25 часот во СВР Скопје е добиена анонимна пријава дека патничко возило „мерцедес“ со скопски регистерски таблички со голема брзина и вклучени флешери се движи од Качанички пат кон Скопје, по што се известени службите на терен за да го запрат возилото.
– Но, по неколку минути, В.А., раководно лице во СВР Скопје, дал насоки да се повлече објавата односно да не се запира возилото затоа што, како што кажал, било службено, и со тоа довел во заблуда двајца полициски службеници од Центарот за известување и команда, кои без проверка ја повлекле објавата и ја запреле потрагата по возилото. Против тројцата се изготвени иницијативи за дисциплинска постапка од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, додадоа од МВР.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.