Речиси два месеци цело семејство ни живее во неизвесност, откако мојот 29-годишен брат на осми септември излезе од дома и повеќе не се врати. Сите сме вознемирени, бараме одговори, самите трагаме по него, но ни треба и помош од јавноста, доколку некој нешто знае, доколку некој го забележал… молиме за информации. Ова за „Фокус” раскажува Џани, брат на исчезнатиот Аднан Михтар од Скопје.
Исчезнувањето на братот го пријавил во полиција на 16-ти септември, но како што појаснува, неговата фотографија се уште не е објавена на страницата за исчезнати лица на МВР, а од полиција за целиот овој период само еднаш му се јавиле, да го прашаат дали брат му се вратил дома.
Многу сме разочарани од тоа како се одвива потрагата. Јас повеќе од десет пати се јавувам и одам во полиција и барам нови информации, од таму само еднаш ми се јавија да ме прашаат дали Аднан се вратил дома. Неговото исчезнување се случи на осми септември, последен пат беше забележан во Бутел, каде што живееме, во близина на џамијата. Влегол во автомобил со еден човек и заминал во непознат правец. Тоа го дознавме од камерите на соседите. Човекот беше повикан на полициски разговор, знаеме дека кажал како го оставил брат ми во хотел во Скопје. Самите отидовме во хотелот, разговаравме со сопственичката на истиот. Таа ни потврди дека бил таму, останал до 10-ти септември и потоа си заминал. Не се проверени ниту камерите, да знаеме барем со кого и со што заминал, раскажува загрижениот брат.
Додава дека кога брат му не се вратил дома, тој и родителите му ѕвонеле на мобилниот, со себе го носел мобилниот на мајка му, но не им одговарал на повиците. Му пуштиле повеќе пораки, но не добиле одговор.
На профилите на Аднан на социјалните мрежи, тој ги немал отворено пораките кои му ги пратиле, и не бил активен ниту на една мрежа од денот кога исчезнал.
Значи, контактот со него завршува на осми септември. Нема пасош, нема пари со себе… Возрасен човек е, во минатото каде и да одел, секогаш се јавувал да каже со кого е, кога ќе се врати. И во Африка да е заминат, тој на мајка ми ќе и се јави. Било што да се случило, никогаш не би го оставил семејството во ваква неизвесност, би ни кажал каде е. Нашата загриженост е оправдана, затоа што Аднан не може, а да не ни се јави, вели братот.
Раскажува дека кога последен пат бил виден, брат му носел плави шорцеви, бела маица и црни патики од марката Адидас. Со себе не понел друга облека. Немал постојано вработување, не бил оженет и нема деца.
Сите кои имаат било каква информација поврзана со случајот, можат да се јават кај неговиот брат Џани на 070 922 722 или пак во полиција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.