СВР Тетово поднесе кривична пријава против четири лица поради изготвување на лажен купопродажен договор за патничко возило.

Како што информираат од МВР, поднесена е кривична пријава против А.М. (50) од Тетово поради постоење основано сомнение дека сторил кривични дела – „фалсификување исправа“, „употреба на исправа со невистинита содржина“, „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „злоупотреба на лични податоци“, како и против Х.И.(44) од с.Голема Речица, поради постоење основано сомнение дека сторил кривични дела – „измама“, „злоупотреба на лични податоци“ и помагање во врска со кривично дело „фалсификување исправа“.

Исто така, поднесена е кривична пријава и против К.А.(36) од с.Голема Речица поради постоење основано сомнение дека сторил кривични дела – „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“ и Н.Т.(43) од Тетово, поради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело „несовесно работење во службата“.

Имено, првопријавениот А.М., во својство на адвокат и третопријавениот К.А. на 17 мај оваа година направиле лажен купопродажен договор за патничко возило како да е склучен помеѓу едно лице од с.Требош – како продавач и пријавениот К.А. и уште едно лице – како купувачи.

Како што соопштија од МВР, при изготвување на договорот А.М. изготвил и Изјава на име на Х.И., а потоа истата ја заверил кај нотар. Потоа, Н.Т. во својство на нотар направил препис на Договорот, но наведените податоци не се совпаѓале со податоците кои биле наведени во штембилот, а потоа и препис на документ кој не бил оригинал, бидејќи купопродажен договор не постоел, со што со извршениот препис, купопродажниот Договор станал валиден, додека третопријавениот К.А. направениот препис го употребил на технички преглед и патничкото возило „голф 5“ го префрлил на свое име, а потоа го продал на друго лице.

Исто така, второпријавениот Х.И., сакајќи да го продаде возилото, го зел од Н.И., а по неколку денови Х.И., му го дал на А.М. возилото со клуч и сообраќајна дозвола на име на Н.И., по што истиот направил лажен договор и возилото му го продал на третопријавениот К.А., се вели во соопштението на МВР



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.