Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против 12 лица за „злосторничко здружување“, „примање поткуп“ и „злоупотреба на службената положба и овластување“ кои биле вработени во полициската станица за гранични проверки – Табановце. Ова по завчерашната акција на граничниот премин на српско-македонската граница и во домовите и во возилата на осомничените, каде што се најдени околу 20 илјади евра.

Според соопштението од МВР, станува збор за И.Н.(47), А.А.(41), Н.П.(40), Д.К.(43), В.Ф.(39), Х.К.(29), М.Ј.(28), Ф.К.(23), Ф.И.(36), А.Д.(28), Ј.Н.(38), сите од Куманово и А.С.(24), од Кратово, меѓу нив и командирот, заменик командирот и раководител на смена. Истрагата ја води надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

„По спроведената истрага за командирот, заменик командирот и за 10 полициски службеници во Полициска станица за граничен премин Табановце, меѓу кои и раководител на смена, беа обезбедени материјални докази за нивна инволвираност во криминални активности, а при спроведените претреси кај лицата беа пронајдени предмети за кои постојат основани сомненија дека потекнуваат од кривични дела преку примање поткуп и злоупотреба на службената положба и овластувања“, велат од МВР.

Според истрагата, членовите на оваа организирана криминална група активно дејствувале на Граничниот премин Табановце од септември 2020 година како злосторничко здружување, при што за одредена парична награда, подароци и поволности кои ги добивале од лицата кои ја преминувале државната граница, координирано не преземале службени дејствија кои биле должни да ги преземат, при што се стекнале со голема противправна материјална и имотна корист.

„Секој член на оваа криминална група имал точно определена улога, при што И.Н., А.А. и Н.П., со умисла ги поттикнувале полициските службеници Д.К., В.Ф., Х.К., А.Д., Ф.К и Ф.И. да вршат кривични дела, овозможувајќи им полесно функционирање, заштита од контроли и проверки и други поволности при работењето, а од коруптивните кривични дејствија добивале соодветен процент од ‘заработката’ во текот на денот. Кај пријавените А.С., Ј.Н. и М.Ј., пак, при извршените претреси е пронајдена одредена сума на парични средства која не смееле да ја поседуваат додека извршуваат работни задачи во кабината за гранични проверки, при што го сториле кривичното дело Примање поткуп“, додаваат од полицијата.

Од Обвинителството велат дека дел од осомничените полицајци, кои работеле на пасошка контрола, земале мито од граѓани на кои им недостасувале документи, како зелен картон, полномошно за возилото, пасош, возачка дозвола итн.

„Првоосомничениот, најпрвин како раководител на смена, а потоа и како командир на ПС ги распоредувал или влијаел да бидат распоредени останатите тројца осомничени на работни места во кабини каде што има поголема фреквенција на патници за влез и излез од државата. Тројцата како полициски службеници кои вршеле пасошка контрола имале задача да бараат и примаат подарок од 5, 10 ,20 или 30 евра за себе и за првоосомничениот за да извршат службено дејствие кое не смееле да го извршат – да пропуштат возила што немале зелен картон за влез и за излез во државата, немале полномошно за управување со возилата, немале патни исправи, возачки дозволи или друг задолжителен документ. Така, од почетокот на 2020 година сѐ до 25.12.2022 година во повеќе наврати примиле поткуп, а од примените парични средства секој месец на првоосомничениот му давале по 150 евра“, соопштија од Обвинителството.

При претресите извршени на 25 декември по Наредба од Судија на претходна постапка, над лица, во нивните домови, останати простории и возила, пронајдени и одземени биле вкупно 16.413 евра во различни апоени, 219.195 денари, 60 швајцарски франци и 375 српски динари. Најголема количина пари биле пронајдени при претресот кај Х.К., односно вкупно 15.885 евра и 30 швајцарски франци. Исто така, при претресите беа пронајдени и 23 парчиња муниција од 9 милиметри, подароци и други предмети кои ќе бидат користени во кривичната постапка.

Во текот на вчерашниот ден предметниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за изрекување на мерката притвор за четворицата осомничени, додека за петмина за кои се води скратена постапка предложи мерки за обезбедување на присуство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.