Соединетите Американски Држави го ставија бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев на нивната црна листа. Тој се смета како генерално неподобен за влез во Америка, поради неговата вмешаност во значителна корупција, соопштија од Стејт Департментот преку официјално соопштение.

Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Македонија во нивните владини институции и јавни процеси. Денешната акција покажува дека САД стојат со оние во Македонија кои бараат одговорност од корумпирани јавни функционери. Оваа ознака ја потврдува посветеноста на САД за борба против корупцијата, која му штети на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефективно да одговорат на потребите на својот народ, се вели во соопштението на Стејт Департментот.

Департментот исто така, ја определува сопругата на Анѓушев, Елизабета, и децата, Ангел и Огнен, како генерално неподобни за влез во САД.

Анѓушев беше вицепремиер од 2017 до 2020 година, во владата предводена од тогашниот премиер Зоран Заев. Тој e сопственик и извршен директор на групацијата Феро Инвест и фабриката Брако.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.