Единицата за сериозен криминал и кривични дела против културното наследство при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал вчера до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против А.Ф.(20) од Скопје, заради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ по чл.396 од Кривичниот законик.

Како што информира МВР, врз основа на издадена наредба од судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, во тек на полициска акција спроведена на 21 декември лани со цел сузбивање на организирана повеќечлена криминална група инволвирана во вршење на кривични дела од областа на криумчарење на мигранти, полициски службеници извршиле претрес во домот и други простории кај А.Ф., при што се пронајдени и одземени автоматска пушка без кундак „АК-47“ – „Калашников“ кал.7,62x39mm, празна рамка од автоматска пушка кал.7,62x39mm, 31 куршум за автоматска пушка со кал.7,62×39 mm и 100 куршуми за пиштол кал.9 mm, кои недозволено ги набавил и чувал во својот дом.

А.Ф. бил лишен од слобода и опфатен со веќе поднесената кривична пријава против 13 лица, за сторени кривични дела по чл.418-в ст.2 и по чл.418-б ст.2 од Кривичниот законик, и веќе издржува мерка притвор во траење од 30 дена изречена од страна на судија на претходна постапка, соопшти МВР.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.