Животот на нашата хероина во оваа сторија само до пред неколку години изгледал како бајка. Бракот со љубовта на својот живот и станувањето мајка беа само дел од радостите за 25-годишната ресенчанка и нејзината надеж за една иднина исполнета со многу љубов, разбирање и среќа. Веднаш по венчавката, таа се сели во Струга каде го започнува својот нов живот со сопругот.

Но како што честопати се случува, малку е потребно за работите да почнат да одат на лошо и бајката полека да се претвори во кошмар.

Веќе првите месеци од заедничкиот живот и бракот почнале да наговестуваат за тоа што понатаму ќе се случува. Односот на сопругот почнал нагло да се менува и таа веќе започнала да ги чувствува првите последици од психичкото, а потоа и физичкото насилството коешто започнало редовно да се случува во нивниот дом.

“Искрено кажано одлуката да ја напуштам таа куќа не се случи во еден момент, туку најдобро кажано неколку месеци подоцна откако започнавме да живееме заедно. Започна со вербално и физичко насилство, а продолжи со континуирани закани и уцени дека ако го напуштам – ќе му наштети на моето семејство.”, вака младата девојка ја започнува својата сторија и сведоштво за Creative Voice.

Постојано живеејќи во страв, ваквото насилство таа го трпела повеќе од две години и се уште чувствува последици од истото. Како што вели, потребна е голема храброст за човек да може да се соочи со една ваква состојба и конечно да преземе некаков чекор.

“Иако сметав дека имам силен карактер што не трпи ваков тип на однесување од нечија страна кон мене, за жал сепак во одреден временски период и јас станав жртва на лице со психички проблеми.”, вели таа.

Заробена во еден мрачен круг на постојано злоставување и неконтролирано однесување од страна на сопругот, се одлучува да стави крај на сето ова и повторно да воспотави контрола над својот живот. Но и тоа не значело крај на постојаните закани кои ги трпела девојката и нејзиното семејство.

Лавиринтите низ кои таа сега поминува се покажуваат исто толку трауматични како што бил и нејзиниот брак и на еден начин се повторуваат сите оние мачни емоции низ кои таа поминувала во изминатите неколку години.

Сторијата и сето она ние поминува жртвата на семејно насилство во прашање ја става и самата функција на центрите за социјална работа во Македонија – дали тие се тука за само да констатираат кај кој родител живее детето во моментот, па согласно тоа носат решенија, или пак нивната функција е низ една сеопфатна постапка да носат решенија за доверување на детето согласно одредбите од Законот за семејството, и во интерес на неговиот нормален психофизички развој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.