Во тек на монтажа на декоративната фасада на источната страна од комплексната градба, како последица на искра од швајц- апарат употребен при поставувањето на држачите, се запали фасаден панел, објаснува изведувачот БЕКОМ ИНВЕСТ ДОО, за пожарот кој вчера избувна во новиот неотворен трговски центар „Блис“ во Битола.

Благодарение на брзата детекција и дојава, и секако, на брзата реакција на гасење со хидрантска мрежа, пожарот за релативно кратко време беше локализиран од страна на ТППЕ Битола.
Овде, дозволете да ја изразиме нашата бескрајна благодарност до командирот и сите вработени на ТППЕ Битола, кои беа на ниво на задачата и извршија навремена локализација. Дополнителна и голема благодарност изразуваме до градоначалникот на Општина Битола, г-дин Коњановски, секретарот Димитровски, на раководството на јавните претпријатија кои извршија брз увид со своите екипи, на пожарната единица од РЕК Битола, како и на обучениот затекнат кадар на објектот вклучувајки ги сите останати лица кои несебично се вклучија во помошта при гасењето на пожарот, велат од „Беком инвест“.

Потенцираат дека во инцидентот нема повредени и дека не се констатирани штети на останатите делови на објектот ниту на конструктивните делови од истиот.

Новиот трговски центар, кој се наоѓа на влезот во Битола и до кој се гради новиот супермаркет на „Лидл“ треба да биде отворен во среда, 5 август.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.